Драмски театар гостува во Местно гледалишче Љубљана со претставата „Фирма“

Драмски театар со претставата „Фирма“ гостува во среда на 7 февруари во Словенија. Во Љубљана од 2 до 7 февруари во организација на Местно гледалишче Љубљана се одржува третото словенечко издание на регионалниот театарски фестивал РУТА.

Претставата „Фирма“ на режисерката Нела Витошевиќ е работена според Push up 1-3 од Роланд Шимелфенинг. Драматург е Викторија Рангелова Петровска. Сценографијата е на Костантин Трпеноски, mvv.design. Костимите се на костимографката Розе Трајчевска – Ристоска, а изборот на музиката е на Нела Витошевиќ. Фотограф е Стефан Стамандов. Инспициент на претставата е Гоце Бојчев, а суфлер е Жаклина Цветковска.

Режисерката Нела Витошевиќ за претставата и за авторот истакнува дека Роланд Шимелфениг е еден од најплодните, најуспешни и најпреведувани германски автори. Поради тематската актуелност „Фирма“ (Push Up 1-3) авторот храбро прави вивисекција на капиталистичкото општество и последиците што доаѓаат како резултат од така поставениот систем. Тој во преден план ја истакнува бескрупулозната борба на индивидуата која се стреми да се искачи на врвот на хиерархиската пирамида, како и проблемот на осаменоста и отуѓеноста кои се рефлексија на таквото капиталистичко уредување. Целото дејство се случува во ИТ-корпорација. Во тоа „застрашувачко“ опкружување карактерите се натпреваруваат меѓусебно за повисока позиција во фирмата. Механизмите да се стигне до врвот се бескрупулозни, карактерите се служат со вербална манипулација и лицемерие за да го зграбат она што го посакуваат. Посветени да ги добијат овие битки, тие остануваат без социјален живот, затворени во нивните големи празни станови, асоцијативни за нивната духовна и социјална празнина.

Премиерата на „Фирма“ беше на отворањето на фестивалот РУТА што Драмски театар Скопје го организираше во октомври. Претставата досега е изведена десет пати на матичната сцена и ова гостување во Местно гледалишче Љубљана е прво гостување на претставата во странство.

- Реклама -