Со одлука на Апелациониот суд во Скопје, поранешниот генерален секретар на Владата – Драги Рашковски, попладнево е „пуштен“ од затворот во Шуто Оризари на издржување на мерката „куќен притвор“ во неговиот дом.
Замената на мерката ефективен притвор со куќен притвор доаѓа откако Рашковски понуди гаранција од половина милион евра, но за да се брани од слобода, а која Вишото обвинителство даде согласност да биде прифатена.
Сепак, од Апелација велат дека воопшто не ја разгледувале гаранцијата, затоа што сметаат дека сѐ уште постои опасност, основан страв, дека обвинетиот може да ги уништи трагите на кривичното дело или да ја попречува истрагата (што беше една од основите поради кои му беше изречена мерка затворски притвор, покрај опасноста од бегство). Кога постои тој основ, притворот не може да се замени со гаранција, објаснуваат од Апелација.
Рашковски и претходно беше во куќен притвор, сѐ до 21 април, кога по барање на надлежните судски органи беше префрлен во затворот „Скопје“.