Драги Ѓоргиев: На кој историчар му беше забрането да издаде книга спротивна на некоја одлука на комисијата!?

Академик Ѓоргиев во настап на ТВ Сител рече дека целта на комисијата е да се надминат одредени недоразбирања во учебниците во Бугарија и во Македонија и дека со препораките воопшто не се прави ревизија на македонската историографија

Тој неколку пати повтори дека членовите на комисијата воопшто не ги дискутирале националните идентитети на конкретни личности како Гоце Делчев, Цар Самоил и други и дека само во Македонија се наметнала дебатата дека се разговара за идентитетот на Македонците бидејќи, како што рече, македонското општество паднало на провокативните изјави од бугарската страна, а кои биле пред сѐ политички

Нема никаква основа да се тврди дека македонскиот состав на мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања ги предал македонските национални интереси, рече вечерва претседателот на македонскиот дел од комисијата, Драги Ѓоргиев, во гостувањето на телевизијата Сител. Ѓоргиев најави повлекување по 15 септември и додаде дека комисијата работела во крајно исполитизирана атмосфера, со силен јавен притисок и со методологија што не може да даде резултати од нејзината работа.

„Посебно во последните две-три години постојано бевме мета на напади, на манипулации, на политички шпекулации дека ние сме ги предале националните интереси и тоа посебно беше видливо кога во август 2022 година ги објавивме препораките за заедничкото чествување и за учебниците за шесто одделение“,

рече Ѓоргиев.

Според него, во македонското општество не се отвори поинаква дебата во однос на историските прашања со Бугарија, туку веднаш се наметнал имиџ дека се врши некакво предавство од нејзините членови.

„Терминот ревизија е неспоив со природата на работата на комисијата”

Прашан зошто прифатил да биде дел од комисија што прави ревизија на историјата, наметната како уцена, без разлика на сензитивноста на јавноста за прашањата за кои се расправаше, тој одговори дека не само што не станува збор за ревизија на македонската историографија или историја, туку тој термин е неспоив со природата на работата на комисијата.

„Целта на таа комисија е да се надминат одредени недоразбирања во учебниците кои постојат во Бугарија и во Македонија. Тоа е еден од сегментите што беше наметнат и се создаде слика дека ние со нашите одлуки ќе ја менуваме македонската историографија. Тоа не е точно. Препораки има и за петти клас во бугарските учебници и за шесто одделение во македонските учебници и тие се единствените препораки кои се однесуваат на античкиот период. Други препораки нема усвоено оваа комисија. Со тие препораки, кои се однесуваат на учебниците, не се прави никаква ревизија на историографија. Дали на некој од историчарите во Македонија му беше забрането да објави книга, која беше, условно да кажеме, спротивна на некакви одлука на таа Комисија?“,

праша Ѓоргиев.

Академик Ѓоргиев неколку пати рече дека членовите на комисијата воопшто не ги дискутирале националните идентитети на конкретни личности како Гоце Делчев, Цар Самоил и други и дека само во Македонија се наметнала дебатата дека се разговара за идентитетот на Македонците, бидејќи, како што рече, македонското општество паднало на провокативните изјави што доаѓале од бугарската страна, а кои биле пред сѐ политички.

„Дебатите кои се водеа за заедничко чествување на личностите од Средниот век, ако ги погледнете препораките, ќе видите дека таму не постои никаков збор поврзан со идентитетот на Климент Охридски, на Наум Охридски, на Кирил и Методиј. Тоа не е работа на Комисијата и тоа мора да го сфати македонската јавност, ние не дебатираме, не го решаваме идентитетот. Овде работата се сведе на тоа дека се дискутира за македонскиот идентитет, иако тоа воопшто не беше тема на дискусија во самата комисија. Никогаш не се подигна прашањето на ниво да се расправа за идентитетот на еден цел народ“,

рече Ѓоргиев.

Главен проблем – судирот на концептите за заедничка историја и за мултиперспективност

Претседателот на комисијата од македонска страна објасни дека еден од главните проблеми што ги имале со бугарските колеги бил судирот на концептите за заедничка историја и за мултиперспективност. Додека македонските членови предлагале да се дискутира и за тој термин, да се дефинира што значи, од бугарската страна тоа било одбивано и тие се држеле до толкувањето на заедничката историја како историја на еден народ до 1944 година. Според Ѓоргиев, тоа е далеку од научните принципи и од сфаќањето на современата историографија.

„Ставот за фразата ‘заедничка историја’ во договорот, ние многу пати јавно го кажавме во македонската јавност, дека таа фраза не ја прифаќаме онака како што ја разбираат бугарските колеги. И покрај тоа што беше кажано десетици пати од наша страна, тоа не фати тло во нашата јавност“,

рече тој во телевизиското интервју.

Иако идентитетот не бил дел од разговорите, сепак бил причина за неприфаќање на одредени одлуки на комисијата, според објаснувањата на Ѓорѓиев. Како што рече тој, на последните десетина средби членовите разговарале само за учебниците бидејќи во вториот сегмент од работата на комисијата, заедничките чествувања, наишле на блокада.

„Бугарската страна одбива да прифати во текстот кој би бил усвоен за евентуално заедничко чествување на Гоце Делчев, формулација дека Гоце Делчев е национален херој на македонскиот народ. Тие сакаат да го користат терминот ‘национален херој на поколенијата, на наследниците, на граѓаните’, итн. И во моментот кога тие дојдоа на тоа, ние кажавме – овој момент ја стопираме дискусијата. Кога таа наша формулација ќе влезе во текстот, тогаш ќе продолжиме за Гоце Делчев, и неколку средби по ред воопшто не се отвора темата за Гоце Делчев“,

рече Ѓоргиев.

Тој го нарече овој став на бугарските колеги „политички“, и тоа, како што рече, може да се види од нивното образложение. Причината што ја навеле била дека во официјалната комуникација меѓу двете држави не бил користен изразот „македонски народ“.

Немало притисоци од претходната власт

Професорот Ѓоргиев негираше дека од претходната власт им бил вршен притисок да прифатат одредени одлуки за сензитивни прашања или дека изјавите на поранешниот премиер Зоран Заев и на поранешниот претседател Стево Пендаровски во врска со Гоце Делчев или со други прашања поврзани со македонската и бугарската историја, кои скандализираа дел од локалната јавност, им ги ослабела позициите во разговорите со бугарските колеги.

Затоа, тој повтори дека нема никаква основа да се тврди дека комисијата не ги штитела националните интереси и смета дека со таквата квалификација, која дојде од премиерот Христијан Мицкоски, тој ги навредил членовите на комисијата.

„Кога ќе дојде изјава дека ние не сме ги бранеле националните интереси, без разлика што мене апсолутно не ми се допаѓа таа реторика, која не е својствена за 21 век, но, кога ќе дојде едно такво обвинување, а притоа многу малку се познава работата на комисијата и она што го сработела, е крајно некоректно и неправедно“,

рече Ѓоргиев во интервјуто за Сител.

- Реклама -