Кога бил млад, Фјодор Достоевски бил дел од круг на писатели и интелектуалци кои често се собирале за да дискутираат за уметност, литература и филозофија. Меѓу другото, ги расправале и финесите на утопискиот социјализам. „Петрашевскиот кружок“, како што биле познати, се состанувал во домот на Михаил Петрашевски – истакната интелектуална фигура во Царска Русија. Во пролетта 1849-тата, 35 членови од групата биле уапсени под директна наредба на царот Николас I, меѓу нив и Достоевски. Тој бил обвинет за поседување забранети книги, за слушање противдржавни говори, за поседување преса за печатење и за заговарање анти-владина пропаганда.
По бурното судење, членовите на Петрашевскиот кружок биле прогласени за виновни за криминални дејствија против круната и биле осудени на смрт, со стрелање. На 23 декември 1849-та, осудениците биле изведени и построени во дворот на Семјонов во Санкт Петерсбург. Првите тројца осуденици биле врзани за столбовите и им биле покриени очите. По нив, на ред била и втората група од тројца, во која бил и Достоевски. Рускиот (и светски) литературен џин имал само неколку преостанати мигови живот. Токму во моментот кога требало да започне стрелањето, пристигнал царскиот гласник со нова наредба директно од Николај I, за итно отповикување на егзекуциите. Наместо смрт, казната на осудениците била преиначена во тешка физичка работа, а Достоевски поминал 4 години во сибирски работен камп. Наредбата што ги спасила „петрашевци“ била однапред подготвена, по планот на царот – да биде прочитана во последниот можен миг пред да почне стрелањето.
Достоевски тогаш имал само 28 години, а лажната егзекуција ќе го прогонува до крајот на животот. Инцидентот оставил огромна импресија врз него, толку голема што тој ќе пишува за истиот 20 години подоцна во неговиот роман од 1869-тата – „Идиот“. Принцот Мишкин, рано во романот, си спомнува за приказна што ја има слушнато од човек кој бил осуден на смрт заради политички криминал, само за да биде помилуван во последната секунда (исто како и Достоевски).
„Овој човек еднаш беше одведен на губилиште, заедно со други, и му беше прочитана пресуда од стрелачкиот вод, за политички криминал. По околу дваесет минути му беше прочитано помилување и му беше доделена казна од понизок степен; како и да е, во тој простор помеѓу двете казни, за тие дваесет минути или четвртина час најмалку, тој живееше под цврсто убедување дека за неколку минути одеднаш ќе умре… се сеќаваше на сé со извонредна јасност и често велеше дека никогаш нема да заборави ништо од тие минути…“.
Во очите на Достоевски, особената суровост на смртната казна е тоа што се манифестира како двојна казна. Болката и страдањето од претстојната смрт, додека осуденикот ја чека својата егзекуција, а потоа и самата егзекуција. Оваа сигурност дека ти се ближи смртта, според Достоевски, е толку страшна и исцрпувачка што човек може да полуди.
Во „Идиот“, пишува:
„Да се убие заради убивање е неспоредливо поголема казна отколку самиот криминал. Да се биде убиен по легална пресуда е неспоредливо поужасно отколку да се биде убиен од ограбувачи. Човек убиен од ограбувачи, избоден во ноќта, во шумата или каде и да е, со сигурност се надева дека ќе биде спасен, до последната минута. Има примери кога на човек грлото веќе му било пресечено, а тој уште се надева или моли. Но овде, таа последна надеж, што го прави умирањето десет пати полесно, е одземена за навек; овде имаме пресуда и целото измачување лежи во сигурноста дека не постои излез, а нема поголемо мачење во светот од таквото. Земи војник, постави го пред топ за време на битката и пукај во него, а тој пак ќе продолжи да се надева; прочитај му смртна казна и тој ќе го изгуби умот или ќе почне да цимоли“.
Како што истакнува во „Злосторство и казна“, најмоќната рехабилитативна казна наметната врз главниот протагонист Раскољников, казна која ќе го донесе на патот на делумно покајание, доаѓа не од било каква легална пресуда, туку од страдањето заради чувството на вина во неговата душа: „Човекот со совест страда додека го признава својот грев. Тоа е неговата казна“.