Беше книжевен гениј и „апостол на православниот реализам“. Ја криеше „Војна и мир“ од својата жена, а одредени свои романи потполно ги забораваше. Тургењев го познаваше и ценеше, но неговиот роман го нарече „мумлање“. Толстој го сакаше иако никогаш го немаше сретнато. Достоевски – писателот кој со „убавина го спасуваше светот“.
Пред прв пат да го сретне Достоевски, младата Ана Сњиткина замислуваше стар, нервозен и претенциозен писател, горд и вообразен заради својата книжевна слава со која веќе се беше стекнал. Колку само беше големо нејзиното изненадување кога сретна нежна душа, помалку растргната од животот полн со грижи и болести, но со детска отвореност. На првиот знак на меѓусебно разбирање, Достоевски, исполнет со благодарност за драгоцената средба, би побрзал да ја истури сета ризница од своите емоции и мисли врз дланките на соговорникот. Само едно „големо дете“ може сосема спонтано да признае дека воопшто не се сеќава на дејството во својот сопствен роман „Понижени и навредени“, кој Ана Сњиткина така возбудено му го прераскажуваше. И само „големо дете“ може во истиот миг да вети дека ќе ја прочита „Понижени и навредени“ веднаш штом ќе има слободно време.
Не само што на поедини свои романи се сеќаваше како низ магла, во што голем удел на вина имаше епилепсијата која му ја одземаше силата на телото и умот, туку и, како што им доликува на великаните, секогаш го сметаше своето дело за недоволно добро. „На идеите во своите романи Фјодор Михаилович некогаш се воодушевуваше, ги сакаше и долго ги носеше во главата, но од нивното преточување во своите дела речиси секогаш, освен во ретки исклучоци, беше незадоволен“, запиша неговата сакана Ана во својот дневник. Така е и со „Идиот“; за книгата која остава без здив и аргументи и која поразува со силата на опишаното автентично христијанство, Достоевски тврдел дека „никогаш немал подобра и побогата поетска мисла од идејата разјаснета во романот“, ама и дека „не изразил ни десеттина од она што во него сакал да го изрази“.
Постојано притиснат од долговите кои ги преземал по смртта на брат му, како и со должноста да гоиздржува својето и неговото семејство, генијот често пишувал под неверојатен притисок и во невозможни временски рокови. Во една прилика, додека работел на „Злосторство и казна“, почнал и да очајува кога сфатил дека е невозможно да ја заврши ветената работа во зададениот рок. Неколку негови пријатели, исто така талентирани писатели, му понудиле секој од нив да напише по една глава од романот, а Достоевски би имал задача сето тоа да го среди и усклади. „НЕ“, одговорил Достоевски, „никогаш нема своето име да го потпишам под туѓа работа“.
Тоа што плени кај Достоевски е неговата книжевност која целосно е во потрага по смислата и суштината, исполнета со жртва и трагедии, но истовремено обоена со вечна надеж и неуморна ведрина, каков што беше и неговиот живот. Во една прилика, пред да најде мир и радост во семејниот живот, Достоевски ќе рече: „Среќен? Ама среќа во мене никогаш немало, барем не таква среќа каква што секогаш сонував. Јас ја чекам. Некој ден му пишував на својот пријател, баронот Врангел, дека без оглед на сите неволји кои ги доживеав, јас сé уште сонувам за тоа да почнам нов, среќен живот.
Тој нов живот, среќен колку што дозволувале животните околности кои не му биле наклонети, за Фјодор ќе започне со бракот со Ана и ќе трае до неговата смрт. Колку што таа водеше сметка за него, неговата работа и децата, толку Достоевски умееше да возврати со сета префинетост на својата уметничка душа и емоциите. Слично на тоа што го вели Светата Литургија – дека „секој добар дар и секој совршен подарок, одозгора е“, во една прилика Достоевски ѝ пишуваше на Ана: „Бог ми те довери за ништо од зачетоците и богатството на твојата душа и твоето срце да не пропадне, туку напротив, за богато и раскошно да израсне и процвета; ми те даде тебе за своите огромни гревови со тебе да ги искупам, да те прикажам на Бога како културна, воздигната, сочувана, спасена од сé што е ниско и што го умртвува духот“. Свадбата била празник на радоста и за двајцата; малото момче Костја кое со нив се возело во кочијата и се преправало дека спие, подоцна ќе раскаже дека „чичкото и тетката за време на целиот пат се љубеле“.
Знаејќи дека Фјодор Михаилович лесно пламнува и дека во такво расположение знае да го каже и тоа што не го мисли, после што неизбежно би следело каење и извинување, неговата итра сопруга избегнувала да ги праќа неговите писма во истиот ден кога тој во лутина ги пишувал. Кога ќе се смирел и ќе почнел да жали заради напишаното, „секогаш ќе излезело дека тоа писмо некако ‘случајно’ не било пратено“, а Достоевски ќе напишел ново, смирено. Неговата грижа за Ана била подеднакво за восхит. Кога била трудна, Фјодор „сосема случајно“ го изгубил романот од Толстој – „Војна и мир“, кој Ана страшно многу сакала да го прочита. Залудно „го барале“ низ целата куќа, за Фјодор – дури по доаѓањето на свет на нивната ќерка, да признае дека во романот премногу уметнички е опишана смртта при породувањето на жената на кнезот Андреј Болкоњски, и дека Достоевски намерно ја криел книгата затоа што се плашел од впечатокот што таа случка може да ѝ го остави на бремената и емотивна Ана. Тоа е сосема разбирливо и кога ќе се земе во предвид фактот што тие двајца веќе имаа закопано една ќерка – Соња, во Женева, а раните биле свежи.
Патем, оваа ситуација во Женева оставила длабок печат на ставот на Достоевски кон Швајцарците, бидејќи тие прикажале прилично голема рамнодушност и студеност. Во својот дневник Ана забележува: „Како пример за бесчувствителност ќе наведам дека нашите соседи, иако знаеја за нашиот губиток, сепак испратија барање да не плачам гласно, бидејќи им одело на нерви“.
За разлика од Швајцарците, Достоевски помагаше на сите на кои им беше потребна негова помош, но одеше и подалеку: ги бранеше и тие што по сите мерила, земски и небесни, заслужуваа да бидат казнети пред да добијат простување. Кога во 1879 година се случи инцидент во кој непознат пијаница го нападна Достоевски нанесувајќи му благи повреди, писателот веднаш побара да го пуштат на слобода, бидејќи „тој му простува“. Целата работа, заради публицитет (не по желба на Фјодор), сепак стигна до суд, а напаѓачот беше осуден на казна од 16 рубљи. Достоевски го пречека пред влезот и му даде пари доволно за осудениот да ја плати целата казна.
Длабоката чувствителност и искрена сочувствителност доаѓаа до израз не само во средбите со луѓето, туку и пред уметничките дела – така Фјодор знаеше со часови да стои пред некое платно или архитектонско дело. Еднаш, во Базел, отишол да ја види „Мртвиот Христос“ на Холбејн – слика која го прикажува „богочовекот“ веднаш по симнувањето од крстот, измачен и крвав. Таа композиција толку го запрепастила Достоевски, што не можел да се оддалечи од неа.
Сепак, тоа што најмногу говори за самиот Достоевски, не е љубовта кон ближните, немоќните, сиротите, кон уметноста или кон Русија, бидејќи такви луѓе уште има. Него најдобро го прикажува односот кон оние кои – по сите правила на натпреварот, опстанокот, конкуренцијата и пазарот – Достоевски би требало да ги смета за непријатели.
Односот со Тургењев, на пример, бил бурен и променлив – од почетната благонаклоност, до подоцнежните несогласувања. Не само што меѓу двајцата имаше идејно, туку имаше и егзистенцијално разидување. Имено, угледниот, уредниот, урамнотежениот Тургењев ги критикуваше делата на Достоевски како „болесничка апологија на патењето“, а него го нарекуваше „груб, крут талент“. Во своите мемоари, вака Толстој се сеќава на зборовите на Тургењев:
„Знаете ли што е обратно општо место? Кога е човек заубен, му бие срцето, кога се лути – тој црвенее итн. Тоа се сé општи места. А кај Достоевски сé се чини обратно. На пример, човек сретнува лав. Што ќе направи? Тој, секако, ќе пребледе и ќе се погрижи да побегне или да се сокрие. Во секоја проста приказна на Жил Верн, на пример, така ќе биде и напишано. А Достоевски ќе го каже обратното: човекот поцрвенел и останал на местото. Тоа е обратно општо место… А згора, по секоја втора страница, јунаците на Достоевски се во бунило, во замаен занес, во грозница. А така сепак не се случува“.
Така „обратен“ и во животот, Достоевски не се воздржуваше, и покрај сé, да го нарече својот „непријател“ – „неоспорен талент“, додека Тургењев сепак го сместуваше Достоевски во прв план меѓу истакнатите претставници на руската книжевност.
Заедничката љубов и грижа кон руската книжевност изроди и уште една необична блискост – меѓу Толстој и Достоевски. Овие двајца великани никогаш не се запознале, но во разговорот со Ана по смртта на Достоевски, Толстој ќе рече:
„Достоевски за мене беше драг човек, и можеби, единствениот кому би му поставил прашања за многу нешта, и кој на многу од тоа би можел да ми одговори. … секогаш ми изгледаше на човек во кого имаше многу вистинско христијанско чувство“.
Времето сé поупорно поминува, а Достоевски е сé помалку мртов. Неговиот живот и дело и сега продираат длабоко во сржта на читателите, ја разоруваат наталожената рамнодушност, ги подигнуваат „бедните луѓе“, ги ограбруваат „понижените и навредените“ и бараат испружена рака и отворено срце за во нив да се препуштат и втопат како што само Достоевски тоа го знаеше. Затоа и денес го сакаме како што тој нас нé сакаше уште децении пред да дојдеме на свет. Затоа ни фали, иако никогаш не бил „сега и овде“, баш како што му фалеше и на Толстој:
„Никогаш го немам видено тој човек и никогаш не сум бил во непосреден контакт со него, и одеднаш, кога умре, согледувам дека тој ми бил најблискиот, најдрагиот и најпотребниот човек… Некаква потпора се сруши во мене. Се изгуби, и тогаш ми стана јасно колку Достоевски ми беше драг. И јас плачев, и сега плачам“.