Донирај книга за да се прошири женското творештво

Здружението за еднакви можности Мрежа Стела организира настан за донација на книги досега во рамки на својата иницијатива „Сподели Авторка“, во сабота на 23 ноември во Лабораториум во рамки на Деновите на Донирање

„Иницијативата #СподелиАвторка веќе повеќе од три години ги полни јавните библиотеки со она што недостастува – женското писмо и нашите омилени авторки. „Сподели авторка“ е солидарна иницијатива започната со цел да го промовира женското литературно творештво и достапноста до феминистичката литература во јавните библиотеки. Но, „Сподели авторка“ е многу повеќе од ширење и поддржување на женското писмо во локалните библиотеки. Идејата е креирањето на солидарни мрежи, запознавање на младите со локалните библиотеки, имено и зачувување на истите како јавни простори. Досега имаме донирано над 3.500 книги низ цела Македонија, со фокус на помалите места и јавните простори во Делчево, Кочани, Кичево, Струга, Тетово и многу други места“ велат организаторите.

На 22 март во 2021 година за прв пат е донирана книга преку „Сподели авторка“ за НУУБ „Св.Климент Охридски“ – Битола“.  Низ годините се покажа дека оваа иницијатива е многу важна за споделување на женското творештво и за феминистичката литература, за поддршка на авторките но и поттик за многумина да продолжат да творат и да го развиваат женското писмо.

#СподелиAвторка продолжува и понатаму да донира книги, а кон иницијативата можете да придонесете и вие со донација на книги од женски автори.

„Затоа оваа сабота (23.11) понесете ја со вас и донирајте ја вашата омилена книга од авторка, феминистичка и еманципаторска литература која треба да ја прочита секој – а собраните книги ние ќе ги однесеме во јавните бибиотеки, младинските центри или училиштата низ Македонија“, велат од мрежа Стела.

Во рамки на настанот ќе се игра и играта „Бунтовнички игри“ која ги слави жените од нашата историја, а бидат изложени и делата од и стрип-изложбата „Од уметност до родова еднаквост“.

Освен, тоа ќе има и работилница за пресадување растенија заедно со Наталија од Go Green, a ќе може и да се разменат парчиња облека. И за крај, овој настан ќе биде затворен со поетско читање од автор(к)и, поетеси и поети Џемилиана Абдулова-Џема, Александра Спасеска, Ивана Јовановска, Калиа Димитрова и Фатос Груби како и останати автор(к)и.

„Не заборавајте да понесете со себе книги, облека и растение, а ние ќе се погрижиме за кафе и добра атмосфера. Се гледаме во сабота во Лабораториум. Заедно сме сплотени низ значајноста на солидарноста како дел од кампањата „Денови за донирање“ во рамки на проектот на USAID North Macedonia „Партнерства за донирање“ спроведуван од здружението Конект“ велат организаторките.

- Реклама -