Со 95 гласа „за“, ниту еден „против“ и „воздржан“, Собранието доцна синоќа ги усвои Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, а со 96 гласа „за“ и исто така без ниту еден “против“ и „воздржан“ и Предлогот на закон за дополнување на Законот за акцизите, и двата по скратена постапка.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, образложувајќи ги двата предлог закони, рече дека тие се дел од пакетот 26 кризни мерки на Владата, кои треба да му помогнат на стопанството во државата, која е погодена од енергетската криза и ценовниот шок на глобалните пазари.
„Актуелната ситуација во домашната економија, погодена главно од цените на основните производи, од категоријата на прехранбени производи, се преземаат мерки кои ќе го заштитат животниот стандард на граѓаните од повисоките цени, особено најранливите категории од социјален аспект и домашната економија. Со цел да се надмине оваа ситуација, потребно е да се интервенира. Пакетот од 26 мерки во вредност од 400 милиони евра за економска заштита на граѓаните и компаниите“, рече Бесими.
Тој посочи дека со мерките се предвидуваат субвенции, односно ваучери за најранливите категории на граѓани од по 1.000 денари за 3 месеци и ќе служат за основни производи за исхрана, а ќе може да ги користат над 35.000 граѓани.
„Пакетот на мерки ги опфаќа прехранбените производи, електричната енергија и горивата. Се намалува повластената стапка на ДДВ за основни производи за човечка исхрана од 5 отсто на 0 проценти, од април до јуни. Се намалува стапката на ДДВ од 18 на 10 проценти при промет на енергентите, дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан и ќе важи до мај оваа година, со намалувањето се заштитува животниот стандард на граѓаните, а од друга страна се зголемува ликвидноста и солвентноста на компаниите“, рече Бесими.
Министерот истакна дека се намалува акцизата врз основа на берзанските цени. Тој посочи дека мерката се предлага со цел ублажување на влијанието на зголемените цени на енергенсите на светските берзи и со тоа заштита на куповната моќ на потрошувачите. Мерката ќе има директно влијание врз малопродажната цена на енергенсите.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, во својот говор рече дека двата предлог-закони, и тоа подобри, предложени од нивната пратеничка група ќе биле донесени пред 12 дена.
„Ние денеска имаме двајца владини претставници и од СДСМ и од ДУИ, како што доликува, но неодговорноста на крајот ја плаќаат граѓаните, бидејќи 12 дена во Собранието стојат овие и подобри закони“, рече Пренџов.