Денеска, на првото судско рочиште во Кривичниот суд против активистката Моника Ристеска – која се товари за „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, судот ја осуди обвинетата на две години условна казна затвор. Во следните 5 години Ристеска не смее да стори друго кривично дело, во спротивно ќе ѝ се активира затворската казна.
Ристеска се изјасни за виновна за делото за кое се товари (неовластено поседување, преработување и продажба на марихуана и хашиш смола) и порача дека длабоко се кае за тоа што го направила. Таа вети дека никогаш нема да го повтори кривичното дело, а за своите „непромислени вулгарни постапки“, како што ги нарече, им се извини како на државните институции, така и на нејзиното семејство и нејзините сограѓани. Ристеска порача дека притворот ѝ бил тешка лекција и ја променил како личност, по што сфатила дека сака да продолжи со нормален живот – семејство, работа, да го заврши вториот факултет, но и во улога на хуманитарец и интелектуалец да ѝ помага на заедницата и општеството.
Ристеска важи за еден од најгласните активисти за легализација на канабисот и негова широка употреба.