Зимските денови кои следуваат се совршено време да уживате во топли и ароматични пијалаци кои го поттикнуваат празничното расположение. Еден од најпопуларните избори во овој период е греаното вино – неизоставен дел од божиќните маркети, зимските кафулиња, но и домашните собири. Со неколку едноставни чекори, можете да го подготвите сами и да уживате во неговиот богат вкус и мирис.
Потребни состојки:
црвено вино
шеќер
цимет
портокал
каранфилче
Подготовка:
Измијте го портокалот темелно под млаз вода за да се отстранат нечистотиите. Потоа, боцнете ги каранфилчињата низ кората на портокалот, рамномерно распределувајќи ги по неговата површина. Ова ќе овозможи да се ослободи ароматичното масло од каранфилчињата за време на варењето.
Истурете го виното во тенџере со средна големина. Додадете шеќер според вкусот, за да ја балансирате сладоста на пијалакот. Ставете го подготвениот портокал со каранфилчињата и додајте 1-2 стапчиња цимет.
Поставете го тенџерето на тивок оган. Мешајте повремено за да се растопи шеќерот. Загревајте го виното додека не почне да зоврива. Кога ќе достигне точка на вриење, намалете ја температурата и оставете го да се крчка околу 10 минути за да се ослободат сите ароми.
Тргнете го од огнот и оставете го да се излади кратко време. Процедете го (по желба) и сервирајте го топло во чаши. За дополнителен ефект, можете да украсите со парчиња портокал или стапче цимет.
Дополнителни совети
Циметот и каранфилчето се незаменливи делови на варено вино и му даваат посебна арома и вкус, а доколку правите црвено вино можете да додадете и кардамон и морско оревче. Можете да сварите и бело вино, а со него одлично оди и ѓумбир, па не заборавајте да го додадете доколку сакате бело вино.
Дополнително, како што ставате портокал во црвено варено вино, така и лимонот одлично ќе оди со белото, а шеќерот е исто така задолжителен додаток на варено вино, црно и бело. Можете да користите и обичен бел, но најдобро би било да ставите кафеав шеќер.
Со овој рецепт, лесно можете да го внесете духот на зимата во вашиот дом и да ги израдувате вашите најблиски.