Повеќе од 700 канадски доктори од Квебек, меѓу кои 213 од општа пракса и 184 специјалисти, објавија отворено писмо во кое се противат на најавеното зголемување платите што неодамна беше издејствувано од синдикатите.
Најавата доаѓа во време кога медицинските сестри се мобилизираат да протестираат за нивните работни услови.
„Овие зголемувања се уште пошокантни, бидејќи нашите медицински сестри, службеници и други професионалци се соочуваат со многу тешки работни услови, додека нашите пациенти живеат со недостиг на пристап до потребните услуги поради драстични намалувања во последниве години и централизација на моќта во Министерството за здравство“
„Единствената работа која изгледа дека е имуна на кратењето средства е нашата плата“, се вели во писмото.
Наместо покачување на платите, докторите сакаат да се солидарни со останатиот медицински персонал, а парите да бидат вратени во здравствениот систем, бидејќи сметаат дека тоа ќе придонесе, во крајна цел, за подобро здравство за сите:
„Доколку нашите колеги се посреќни, доколку нашите пациенти добиваат подобра грижа, сите ќе бидеме победници, а тоа нема да се случи преку покачување на платите“, вели Изабел Лебланк – претседателка на организацијата која стои зад писмото.
Според канадскиот Институт за здравствени информации, специјалистите во Квебек во просек заработуваат 403.537 канадски долари годишно.