Докторите од Бејрут: Не гледаме светло на крајот од тунелот

Болниците во Бејрут се преоптоварени со ранети и жртви од експлозиите во градското пристаниште. Како што веќе пишувавме, четири од градските болници се надвор од употреба поради претрпените оштетувања од втората далеку посилна и разорна експлозија. Дури и вака преполни, болниците очекуваат уште поголема ескалација на состојбата.

„Мислам дека е многу веројатно дека тие бројки ќе пораснат. Од она што го слушаме денес од работниците во Итната помош кои ги пребаруваат зградите кои се во близина на експлозијата, е дека наоѓаат тела“, вели Фирас Абиад, директор на Универзитетската болница „Рафик Харири“, за CNN.

„Не сум сигурен дали ќе видиме други преживеани, но мислам дека дефинитивно ќе имаме повеќе тела кои ќе пристигнат во болницата“, додава тој.

Катастрофата во Бејрут се случува во моменти кога и онака болниците во Либан се соочуваа со предизвик поради втор налет на пандемијата со Ковид-19 и финансиската криза предизвикана од истата. Болницата „Рафик Харири“ и пред експлозијата била при крај со медицинските залихи, а по вчерашните експлозии, сега е комплетно преоптоварена и ги троши последните ресурси, вели Абиад.

„На крај сме. Кога вчера се случи ова, насочивме сѐ што имавме кон нашите ургентни одделенија. Се обидувавме да третираме колку што можеме повеќе луѓе. Но, да бидам искрен, ако не пристигне помош што поскоро, ќе останеме со празни раце многу набрзо“.

Фотографија од една од четирите болници кои поради штетите се надвор од употреба. На ѕидот може да се забележи крв.

Затекнати во средиштето на финансиска криза, пандемија на коронавирусот и експлозиите во пристаништето на Бејрут, неговиот тим се нашол „во средината на перфектна бура“, вели тој.

„Јас сум хирург кој работеше во текот на граѓанската војна и сме виделе финански потешкотии и порано. Сме виделе и повреди од експлозии. Не сме виделе корона, но мислам дека сите овие заедно… Се чини, не можеме да видиме светло на крајот од тунелот“, раскажува Абиад за CNN.

„Кога ова се случи, дел од мојот персонал ја завршуваше смената и заминуваше дома. И едноставно се вратија. Беа полни со емпатија и добрина кон пациентите. И мислам дека единствената надеж што ја гледам во сето ова е способноста на човечкиот дух да ги издржи овие тешки времиња“, заклучува директорот на болницата.

Според последните официјални податоци, бројот на жртви се искачил на 135, а 5.000 се повредени. Сепак, се очекува дека бројките се многу поголеми, со пријавени стотици исчезнати од страна на нивните семејства.

 

- Реклама -