Доколку е потребно, повторно ќе се активира Механизмот за цивилна заштита на ЕУ за пожарите во земјава

Еврокомесарот за справување со кризи Јанез Ленарчич им се заблагодари на земјите членки кои веднаш испратија помош во земјите каде што ситуацијата со пожарите е алармантна и порача дека ова е солидарноста на Европската Унија во пракса

Откако Македонија повторно побара помош од Европската Унија за гаснење на пожарите кои цел месец беснеат низ цела држава, Германија и Шведска мобилизираа по два авиони од флотата на ЕУ кои се наменети за справување со пожарите, додека, пак, од Чешка, Словенија и Србија беше испратен по еден хеликоптер, соопшти денеска Европската комисија.

Еврокомесарот за справување со кризи Јанез Ленарчич изјави дека брзата реакција на Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија е солидарност на ЕУ во пракса, заблагодарувајќи им се на сите земји членки кои испратија помош.

„Во Северна Македонија е распореден и офицер за врска од Координативниот центар за одговор при итни случаи на ЕУ со цел поддршка на македонските власти во координација на одговорот на пожарите“,

изјави Ленарчич.

Покрај за нашата земја, изминатава недела Механизмот бил активиран и за гаснење на шумските пожари во Бугарија, каде што биле испратени по два авиона од Грција и од Франција, два авиона од Шведска, а за гаснење на шумските пожари во Албанија биле испратени два авиона од европската флота стационирани во Италија.

„Координативниот центар за одговор при итни случаи на ЕУ продолжува внимателно да ја следи ситуацијата, со цел да може брзо да се распореди дополнителна помош доколку е потребно, се додава во соопштението“,

велат од Европската комисија.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, попладнево изјави дека во моментов има девет активни пожари на територијата на Македонија.

Еден од најтешките пожари е на Осоговските Планини, кој беснее на територијата на Општина Пробиштип, во атарот на селото Зеленград. Овој пожар се одвива на исклучително недостапен терен.

„Овој пожар се одвива на исклучително тешко пристапен терен и повеќе денови ни задава главоболка, иако дејствувавме во повеќе наврати во воздухоплови, дејствувавме и од земја. Денеска одлучивме да го нападнеме со концентриран број на хеликоптери. Во текот на утрово, но и во остатокот на денот овде ќе делуваме со осум хеликоптери – 3 македонски (2 армиски и 1 полициски), 1 српски, 2 унгарски, 1 словенечки и 1 чешки“,

кажа Ангелов.

Тежок пожар има и во атарот на селата Тажево и Брезница, кон Јасен, кој се одвива неколку дена на тешко пристапен терен.

„Овде утрово го испративме да дејствува полицискиот хеликоптер, но и тимот од Унгарија, кој пристигна како помош од странство со ЕУ-механизмот, составен од 46 искусни пожарникари, од кои некои користат специјални возила со кои можат да се пробијат на најтешко пристапните места. Исто така од земја гасат и 50 припадници на Армијата со поддршка на локални пожарникари и месно население“,

вели Ангелов.

Пред малку избил пожар и во Охрид, во атарот на селото Косел, за кој има опасност да влезе во борова шума, поради што ЦУК таму пренасочиле еден хеликоптер.

Тешко оди гасењето и на Илинска Планина, иако дејствуваат ‘ертрактори’, а се интервенира и од земја.

Во Пробиштип има уште пожар, каде што дејствува Армијата со локалното население.

Во Пласница огнот е ставен во контрола, а пожарот во борова шума во Пехчево утрово е под целосна контрола и се работи на догаснување на огнените точки.

Пожари има и на територијата на Скопје – во Зелениково и Љубанци.

„Планот којшто го изготвуваме за употреба на леталата, странската помош и домашните сили е еластичен и го приспособуваме на моменталната состојба. За жал, ова лето имаме рекорден број пожари“,

вели Ангелов.

- Реклама -