Додека ДУИ заседава, од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека нема да дозволат една криминална банда да ја киднапира државата

„ДУИ планира агресивно делување за заштита на сопствениот криминал, во тоа ќе бидат помогнати од нивни измеќари, како овие од СДСМ. Ахмети очигледно не ја научил лекцијата дека не треба да го потценува ВМРО-ДПМНЕ и дека сè што прави еден ден ќе му се удри од глава. Како што му се удри рушењето на принципот на коалицирањето ‘победник со победник’, кој тој го наруши во 2017“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ

Пред почетокот на состанокот во седиштето на ДУИ во Мала Речица, во врска со информациите на премиерот Христијан Мицкоски дека имаат сознанија оти партијата на Ахмети наесен подготвува дестабилизација на државата, портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми, рече дека ќе ги употребат сите демократски механизми за почитување на волјата на граѓаните

Додека се очекуваат исходот и заклучоците од денешниот состанок на централното претседателство на Демократската унија за интергација (ДУИ), од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со писмено соопштение во кое велат дека ДУИ во моментот е во заложништво на мала група бандити во врвот.  

Седиштата на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ / Фотоколаж: „360 степени“

За лидерот на интегративците, Али Ахмети, од владејачката партија велат дека од национален лидер на Албанците во Македонија, прераснува во најголем заштитник на криминалот во земјата. 

Инаку, пред почетокот на состанокот во седиштето на ДУИ во Мала Речица, во врска со информациите на премиерот Христијан Мицкоски дека имаат сознанија оти партијата на Ахмети наесен подготвува дестабилизација на државата, портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми, рече дека ќе ги употребат сите демократски механизми за почитување на волјата на граѓаните.  

„ДУИ е државотворна партија и секогаш сме имале визионерски политики кои биле за добро на државата. Секако дека ние настојуваме и ќе ги употребиме сите демократски механизми за почитување на волјата на граѓаните каде што Владата мора да го одрази меѓуетничкиот легитимитет“,

изјави Адеми.  

Од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението велат дека ставот и принципите на претседателот на партијата, Христијан Мицоски, се секогаш да ја кажува вистината и информациите кои се од важност за јавноста да ги споделува со неа. 

Оттаму го прозиваат и Социјадемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), кој според владејачката партија сè уште е извршител и измеќар на ДУИ.   

„Претседателот Мицкоски низ годините постојано најавуваше и предупредуваше за повеќе нешта кои подоцна се случија, како што беа Преспанскиот договор, Францускиот предлог или, пак, разликата на изборите, што се покажа како точна со добиени над 500 илјади гласа за ВМРО-ДПМНЕ и предност од над 150 илјади гласа во однос на СДС. Истото се потврди и за локалните избори, како и за многу други прашања кои Мицкоски ги најави. Предупредуваме дека сето ова што го прават СДС и ДУИ ќе се случува, бидејќи точно знаеме дека според нив тоа е единствениот начин да се обидат да се заштитат себеси и стекнатото богатство од криминалот што го правеа со години и децении, злоупотребувајќи позиции на власт и моќ, како и доверба од граѓаните“,

се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.  

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата, Христијан Мицкоски / Фото: Сектор за односи со јавност на Владата на РСМ (Архива)

Темите што овие две партии се обидуваат да ги пласираат и наметнуваат директно или индиректно преку нивни инсталации, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се депласирани и нема да го изменат тоа што го кажа Мицкоски.  

„А тоа е вистината! Во оваа вистина ќе се уверите во периодот што доаѓа. ДУИ планира агресивно делување за заштита на сопствениот криминал, во тоа ќе бидат помогнати од нивни измеќари, како овие од СДСМ. Ахмети очигледно не ја научил лекцијата дека не треба да го потценува ВМРО-ДПМНЕ и дека сè што прави еден ден ќе му се удри од глава. Како што му се удри рушењето на принципот на коалицирањето ‘победник со победник’, кој тој го наруши во 2017-та“,

велат од ВМРО-ДПМНЕ.  

Оттаму порачуваат дека нема да дозволат „една криминална банда“ да ја киднапира иднината на сите граѓани и да подбуцнува тензии во државата затоа што не е на власт и треба да се соочи со правда.  

„Македонија е членка на НАТО и е демократска држава во која мора да владее правото. Колку побрзо ДУИ се соочи со тоа и се реформира, толку побрзо Македонија ќе оди напред кон ЕУ. ДУИ во моментот е во заложништво на мала група бандити во врвот, а Ахмети од национален лидер на Албанците во Македонија прераснува во најголем заштитник на криминалот во Македонија“,

се наведува во соопштението.  

Од партијата на премиерот Мицкоски велат дека ги отвораат вратите за сите чесни членови на ДУИ и од други политички партии и етнички заедници.  

„Додека чесните членови на ДУИ се борат за парче леб и подобар живот и нивните роднини и пријатели гледаат како да се иселат од државава, мала група во врвот на ДУИ станаа милионери на грбот на нивните членови и на целиот народ. Македонија е заедничка држава и нема да дозволиме заедно бандити и криминалци од партиите да ја држат во заложништво“,

порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.  

Од партијата и вчера реагираа откако интегративците повикаа на сеопфатен ветинг на сите функционери во изминатите 30 години, кој би бил мониториран од меѓународната седница.  

Ветингот, како што изјави портпаролот на ДУ треба да биде и една од темите на денешниот состанок на централното претседателство на партијата, кој е во тек.  

„Денеска сме собрани да дискутираме за драфтот за одбележување на годишнината од Охридскиот рамковен договор, но и за нашата политика поврзана со ветингот, сеопфатен ветинг. Тие се нашите чекори и затоа на транспарентен начин досега сме ја известиле јавноста за сите наши политики и чекори, така ќе продолжиме и понатаму да ве известуваме благовремено за сите наши идни чекори“,

изјави Адеми.

Портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми / Фото: Принтскрин

Драфтот за кој зборува Адеми се однесува на нацрт-документ изработен од еден од авторите на Охридскиот рамковен договор, Пол Вилијамс, кој, како што потврдија од ДУИ неодамна, ќе биде ангажиран за прецизирање на законско или уставно решение на т.н. Мајски договор, односно озаконување на меѓупартиското коалицирање по принципот „победник со победник“. 

- Реклама -