Доброволниот данок на Старите Грци

Замислете прогресивен данок – со други зборови, данок што паѓа главно на грбот на тие што најмногу можат да си дозволат да го платат – богатите. Данок што го наместо да го избегнуваат, тие го плаќаат доброволно, и тоа во „суми“ поголеми од тоа што се очекува од нив. Данок што е потрошен според желбата на тој што го плаќа, данок без многу бирократија.

Од Античките Грци сме научиле и учиме многу, а истото важи и за нивниот даночен систем, поточно нивниот речиси непостоечки даночен систем.

Оданочувањето кај Старите Грци припаѓало во полето на етиката (а некој паметен има речено дека слободата или деспотизмот на едно општество може да се измери токму по даночниот систем). Е па кај Старите Грци немало данок на приход. Даноците не биле начинот на кој богатството на богатите се делело со луѓето. Наместо тоа, тоа се правело преку доброволна алтернатива – литургија.

„Литургија“, за да нема забуни, доаѓа од грчкиот збор leitourgia, а се однесува на секоја форма на јавен сервис или работа во заедничка корист на сите луѓе (црковните служби се сметале за јавен сервис). Донирањето и дарувањето било вткаено во грчката психа. Титанот Прометеј го создал човештвото и бил неговиот најголем дарител, давајќи му го дарот на огнот, кој го украл од божјата планина Олимп. Божицата Атена, пак, на грчкото граѓанство му го дала маслиновото дрво – симбол на мир и просперитет. Затоа и градот Атина е наречен во нејзина чест.

Коренот на таквиот данок лежи во филозофијата на Аристотел. Неговиот „величествен човек“ дава големи суми на заедницата. Сиромашните мажи, пак, никогаш не можат да бидат величествени, бидејќи ги немаат финансиските можности. А вистинското богатство доаѓа од правењето добро, расправа Аристотел во неговата „Реторика“, лежи во давањето пари и подароци, и помагање на другите во нивното постоење. Хипократ, пак, основачот на медицината, бил уште еден што верувал во ваквата општествена одговорност, советувајќи ги докторите понекогаш да даваат и бесплатни услуги, било заради возврат за некоја претходна ситуација кога биле богато наградени, или заради моменталното задоволство од самиот чин на помагање. „А ако ви се укаже прилика да му послужите на некој кој е странец или во финансиска тешкотија, и нему дајте му целосна услуга, исто така“.

Се случувало на градот да му треба некаков вид на подобрување на инфраструктурата – нов мост, на пример. Или можеби избувнала војна и било потребно поголемо трошење на војската. Можеби се спремал некаков фестивал. Во сите овие случаи, на помош биле повикувани богатите. Од нив се очекувало не само да го платат потребното, туку нивна одговорност била и да го спроведат потребното и да ја надгледуваат работата.

Ставот бил дека богатите треба да го сносат товарот и трошоците на градот, со оглед на нееднаквиот дел од богатството на заедницата со кој располагале и во кој уживале. Секој нивни придонес не бил присилен од закон или бирократија, туку „сугериран“ од традицијата и угледот меѓу заедницата. Мотивот на литургистот биле добронамерноста и љубезноста кои произлегувале од чувството на должност, и поважно, наградата во форма на чест и престиж. Ако задолжението било добро спроведено, статусот на патронот (дарителот) меѓу неговиот слој од елитата и обичните луѓе – растел. Иако во рана Грција само воините можеле да станат „херои“, подоцна и литургистите можеле да се здобијат со херојски статус ако работеле за јавниот интерес и добросостојбата на другите. Сето тоа резултирало со тоа што многумина од богатите давале и по 3-4 пати повеќе од тоа што се очекувало од нив, сосема спротивно од културата на однесување што на денешното општество му е позната – да платиш што е можно легално помалку.

Панатинските игри/свечености, театарските фестивали на Дионис и други фестивали. – сите биле фундирани од богатите и донирани на градот, а литургијата/организацијата вклучувала селектирање, финансирање и тренинг на тимови за да се натпреваруваат во атлетските, драмските и музичките натпревари. Да си донаторот било чест. Многу давале повеќе од бараното, но го делеле (не буквално) славјето и наградите што ги освојувале натпреварувачите. Им се граделе бронзени скулптури и споменици – многу од нив се останати и до ден денес, за да го комеморираат донаторот кој ги спонзорирал најдобрите настани/дела.

Многу од градбите на Античка Грција биле исто така градени од донатори кои се натпреварувале за чест. Насликаниот трем (стоа поикиле) во Атина, на пример, каде што се учел стоицизмот и каде што се изложувале слики, како и многу дела во Акрополот, а можеби дури и самиот Партенон – биле исто така фундирани од литургија. И статуата на Атена на скулпторот Фидиј, кој исто така ја надгледувал и конструкцијата на Партенонот во која е поставена, се смета дека е таму по пат на литургија (нејзината изградба чинела повеќе и од самиот Партенон).

Најпрестижната и најважна литургија, ама и најскапа, била морнарицата, позната како триерархија. Триерархот морал да изгради, да одржува и да оперира воен брод – трирем (борбен брод со весла). Триремите ѝ ја давале силата на атинската морнарица и ги чувале трговските поморски линии од пирати. Со оглед дека Атина била центар на трговијата, нивната улога била клучна. Во многу случаи, се очекувало и од самиот триерарх да ја преземе командата на бродот, освен ако сака да плати концесија и да го препушти во раце на борбен специјалист.

Во Атина имало меѓу 300 и 1.200 литургисти (бројот значително се зголемувал во време на војна), а во литургиската класа постојано имало проток на нови литургисти. Најголемиот дел од нив тоа го правеле доброволно, иако мал дел биле задолжени од државата. Литургиите се делеле на мали и големи, во зависност од богатството на литургистот.

Несомнено, системот бил експлоатиран и за индивидуална корист, особено политичка. Младиот Перикле, на пример, пред да стане генерал на Атина, организирал претстава на фестивал во чест на Дионис, како литургија. Но тоа го направил и неговиот политички опонент, кој ја освоил благонаклонетоста на јавноста и со делење на „порции“ од неговото лично богатство.

Литургистите кои не сакале да учествуваат во донирањето, пак, ризикувале јавен презир. Им се простувало само во ситуации ако во моментот работеле и на други литургии или направиле некоја позначајна во претходното помагање на градот. Исто така, литургистите што одбивале имале и можност да докажат дека друг граѓанин е всушност побогат и може подобро да се сноси со финансискиот товар на задолжението. „Обвинетиот“ тогаш имал три опции: да ја прифати литургијата, да одлучи да одат на суд и порота да пресуди кој е побогат, или да го разменат богатството со тој што го посочува (мошне ефективен систем да провериш дали некој е стварно „сиромав“ колку што се жали дека е).

Убавината на литургискиот систем лежела и во тоа што јавните дела биле фундирани и менаџирани со релевантна експертиза, наместо од некое помалку стручно државно лице. Главниот бенефит бил што и лично богатство, и личната експертиза на литургистот била распределувана низ заедницата, а без бирократска или владина вмешаност. Работата најчесто била добро завршена, бидејќи на мета била личната репутација на литургистот.

Во време на супербогати и суперсиромашни, ќе биде тешко, ама можеби е неопходно да ја оживееме литургијата. Којзнае, можеби ќе проработи и во ова модерно општество.

- Реклама -