Секој ден слушаме за ваков или таков екстремизам. Такво е времето – екстремно. Но тоа што не го слушаме – тоа се добрите страни на тоа да си екстремист. А ги објаснува Џон Клис уште во времето на Монти Пајтон.
„Најголемата предност на екстремизмот“, почнува Клис, „е што прави да се чувствуваш (многу) добро, бидејќи те снабдува со непријатели….“
Потоа објаснува:
„Добрата страна на имањето непријатели е што можеш да се преправаш дека целото зло во светот е во твоите непријатели, а целото добро е во тебе!“
Па така, ако и онака си исполнет со многу гнев, фрустрации, и заради тоа уживаш да малтретираш луѓе, тогаш можеш да се преправаш дека тоа го правиш само зашто овие твоите непријатели се толку многу лоши личности. А ако не беа тие, ти ќе беше добар, љубезен и рационален цело време.
„Значи, ако сакаш да се чувствуваш добро, стани екстремист“, заклучува Клис.
Е сега, имаш избор. Ако се приклучиш на тврдата левица, таму ќе ти дадат цела листа на потврдени непријатели: авторитети, особено полицијата, градот, Американците, судиите, мултинационалните корпорации, приватните школи, медиумите, ловџиите, генералите, и секако – умерените.
Ако повеќе ја преферираш тврдата десница, „нема проблем“, вели Клис. И таму добиваш супер листа на непријатели, само поинакви: гласни малцинства, унии, чудаци, демонстранти, хуманитарни здруженија, миротворци, штрајкувачи, социјални работници, комунисти, и секако – умерените.
Штом ќе се опремиш со една од овие супер листи на непријатели, можеш да бидеш груб колку ти душа сака, а сепак да мислиш дека твоето однесување е морално оправдано. Значи, можеш да одиш наоколу и да малтретираш луѓе, да им се закануваш дека ќе ги изедеш за доручек, а сепак за себе да мислиш дека си „шампион на вистината“, борец за „поголемото добро“, а не патетичниот параноичен шизофреничар што навистина си.