Трн: 2010 го издаде Чалгија систем својот деби албум. Оттогаш па досега што се има променето?
Добрила: Па, во меѓувреме, поточно во 2019 година, се појави уште еден авторски албум на Чалгија саунд систем кој го нарековме „Тихувај“ и во кој ние ѝ пристапивме на чалгиската музика од нашата гледна точка правејќи совремна чалгиска музика. Во тој албум се обидовме да создадеме приказни поврзани со една тема, а на сето тоа да му дадеме современи текстови и музика која ја исвиривме на традиционални инструменти и електроника. И мислам дека направивме одлична работа. Во меѓувреме, во 2020 г. со Дориан започнавме еден друг проект наречен Добрила и Дориан Дуо во кој создадовме свет од традиционаллна музика, експриментирање и импровизации. Во привиот албум „Апокриф“ ги откриваме мелодиите и тишините меѓу две ноти, а во вториот „Пиле шарено“ на дотогашните иновации и експерименти им додадовме и електроника, лупови, звуци… Направивме нешто сосема ново и со успехот што го постигнавме и со двата албума ја ставивме Македонија на мапата на „музиката на светот“.
Трн: Како се определи за ваков тип музика? Што беше пресудно за твојот избор?
Добрила: За мене е пресудна музиката, па би рекла – само дај ми музика 😊 затоа што мислам дека се снајдувам во неколку различни жанрови. Но чалгијата беше некако природен музички избор затоа што ми беше најблиска по мелодија, по приказна, по секојдневното слушање радио, по емоциите што ми ги предизвикуваа овие песни секојпат кога моите најблиски ги пееја кога бевме заедно. Чалгијата ми е некако моја, природна, од околу мене и од мене.
Трн: Има ли концерт, настап кој ќе го паметиш засекогаш?
Добрила: Со Чалгија саунд систем? Се сеќавам на нашиот прв настап кога не ни беше баш јасно што ќе се создаде од тој обид и од тој сѐ уште лабав состав. Се сеќавам, исто така, на првиот снимен концерт на телевизија од кој подоцна го издадовме и нашиот прв албум снимен во живо. Никогаш нема да го заборавам концертот снимен за МТВ unplugged точно пред налетот на короната кој, кога сега го гледам, сфаќам дека рокенрол и чалгиски концерт е едно исто. Се сеќавам и на настапите во Турција, Германија, Србија…
Трн: Од колку народи има влијанија музиката која ја свирите?
Добрила: За нешто да биде нешто и да остави своја трага, тогаш мора да има собрано и многу убавини во себе. Чалгијата, колку и да е вкоренето мислењето дека е директен потомок на осамлиската музика, таа сепак пие вода од многу извори. Првиот извор е Византија, односно византиското пеење кое кај нас било секојдневние и врз кое се создавал и се одржувал цел еден свет – и духовен и секојдневен. Понатаму во неа е влијанието на Медитеранот, на Средниот Исток и ако само малку ги начулите ушите кон музиката од посочените региони, ќе ја потврдите сличноста на многубројни фрази, цели мелодии и ритмови. И се разбира тука е и големото влијание од класичната и духовната османлиска музика која долго време била една од доминантните музики, но и канали низ кои се носеле туѓите влијанија. Но чалгиската музика во Македонија си имала свој развој и собирајќи од секаде по нешто, таа си се создала себеси. Поради тоа за неа можеме да кажеме дека е македонска музика. За наша среќа.
Трн: Дали ги сакаш песните на солунските сефарди?
Добрила: Меланхолијата на сефардите е нешто што човек кој сака музика, не може да ја одмине. Еврејскиот народ ја носи својата традиција каде и да е, и секогаш цврсто држи до посебноста, така што нивната музика е огледало на нивната судбина и карактер. И каде и да поминале во своите преселби, застанувања, живеења – сефардите секаде оставиле свој отпечаток. Затоа денес Солун нуди толку богата традиционална музика која на моменти потсетува и на македонската чалгија. Токму затоа не можеме да го заобиколиме културното влијание на народите што живееле на овие простори затоа што тие секогаш си давале, земале, позајмувле, вметнувале парчиња од она што им се гледало убаво во она што го создавале самите. Само што подоцна секој си создава своја редакција и свој сопствен музички израз.
Трн: Каде сте гостувале надвор и на кои фестивали?
Добрила: Можам да кажам дека имаме сериозна референтна листа и со Чалгија саунд систем и со Добрила и Дориан Дуо. Сме настапувале во Турција, го славевме Денот на македонската независнос во Грција, лани бевме на можеби најголемиот европски фестивал во Рудлштад, Германија каде што ја делевме сцената со Рамбо Амадеус, Горан Бреговиќ, Tамара Обровац, Pussy Riot; Како Добрила и Дориан Дуо имавме концерт на фестивалот Тодо Мундо во Белград, на Џез фестивалот во Церкно, Словенија, на СФИНКС фестивалот во Белгија, имавме турнеја низ Норвешка, бевме на фестивалот Карусел во Чачак, а само што се вративме од Џез фестивалот во Сараево.
Трн: Кои беа твоите учители, кој ти ја наметна желбата за музика?
Добрила: Можам да кажам дека тој што ми ги сподели гените, тој ми ја даде и желбата за музика, а тоа е мајка ми. Таа беше феноменална пејачка со огромен страв од настапи 😊. Но за мене најдобро од сѐ беше што ми го остави во наследство поимот квалитетна музика, давајќи ми ги првите поуки за тоа што значи тоа и кои вредности треба да се ценат. Понатаму, учители ми беа другарите со кои ја делевме истата страст за музика, а кога веќе ќе го стекнеш тоа како дисциплина, сам си тераш по патот и веќе знаеш каде да чепнеш, каде да откриваш…
Трн: Годинава се случи првиот Фестивал на чалгиска музика, какво искуство беше тоа?
Добрила: Годинава се случи Фестивал на чалгиска музика и тоа толку нѐ израдува најпрво затоа што беше направен со толку љубов и ентузијазам, но и што во Ваташа се собраа сите бендови и музичари кои се вљубени во чалгијата и кои ја свират. Се појави скоро целокупната чалгиска сцена и сите свирејќи ја покажуваа својата умешност, финесите, пристапот кон инструментите и пеењето и го извадија на виделнина „мрсното“, убавото од чалгијата. Тоа беше навистина ноќ за уживање и за нас и за публиката. Едвај чекам да се случи и вториот фестивал.
Трн: Кои се најпознати чалгиски песни и мелодии кои публиката најбрзо ги препознава?
Добрила: Мислам дека секој бенд има направено своја плеј-листа по која се препознава и на која публиката веднаш реагира. Кога настапуваме како Чалгија саунд систем аплаузите се најсилни кај „По друм одам мајче“, „Ја излези стара мајко“, „Дафино, вино црвено“, „Три години стана“… А кога ќе го чуеш тој звук и емоции со кои те наградува публиката, тогаш знаеш дека со музика никогаш нема да престанеш да се занимаваш.
Трн: Има ли некоја песна со која си емотивно врзана?
Добрила: Со „Стојана мајка учеше“ како една од најтешките песни за изведување и со „Три години стана“ како една од најљубовните песни што ги создал македонскиот творечки гениј.
Трн: Која е твојата желба за 2024?
Добрила: Па кога 2024 би ги намалила негативните турбуленции од 2023 кои ме однесоа во темни лимбови – јас би ѝ била вечно благодарна. Да расчистиме: не дека во 2023 немаше убави моменти, патувања и незаборавни концерти – имаше, но сепак би рекла: во 2024 сакам помалку темници, повеќе концерти. Повеќе песни, помалку алергии. Повеќе дружби, помалку збогувања…
Насловна фотографија: Никола Јовановиќ