Најзагадениот град на светот, според податоците на Светската здравствена организација (WHO) се наоѓа во Нигерија. Се работи за градот Онитша, каде минатата година е забележано просечно загадување од 594 микрограми по кубен метар честици со размер меѓу 10 и 2.5 микрометри. Тоа е далеку од препораките на WHO – 20 микрограми по кубен метар.
Животот во Онитша секојдневно го отежнуваат песочните бури, издувните гасови од возилата, спалувањето на отпад и сè поголемата индустриска активност. Како што пишува британскиот Guardian, во предградието на Onitshe, на пазарите Okpoka, состојбата е уште полоша. Камионите што поминуваат креваат облаци од црвен прав додека поминуваат покрај брегот на реката Нигер, а се тоа се случува во близина на големиот пазар за дрва.
Можеби уште поголем проблем е што никому не му е грижа за тој прав. „Само ја работам својата работа. Правот никогаш никого не убил“, вели една сообраќајна полицајка за Guardian. Ама греши.
Податоците на Обединетите нации покажуваат дека околу 600.000 луѓе во Африка умираат секоја година како резултат на проблемите поврзани со загадениот воздух. Сосема реална е можноста дека луѓето едноставно не знаат колку всушност е опасно загадувањето по здравјето. Некои едноставно имаат куп други проблеми на ум, и повеќе размислуваат за тоа како ќе се прехранат нивните семејства тој ден, отколку за тоа каков воздух ќе се дише.
Освен загадениот воздух, Онитша мака мачи и со отпадот на копното. На секое ќоше се гледаат купишта ѓубре, а отворената канализација тече меѓу куќите. Икечукву Обизуе, локален бизнисмен, вели дека е тешко да се чисти ако државата не помага. „Онитша е многу нечист град, а властите не прават речиси ништо. Секој месец имаме акции за чистење, но тешко е да се одржува таа чистота. Во крајна сметка, властите би требало да бидат задолжени за чистењето. Луѓето се преокупирани со преживување“.
Во квартот Nwangene, новинарот измери загадување од 667 микрограми на метар кубен, што е многу над просечните вредности забележани во студијата на Светската здравствена организација. Сепак, ретко некој да носи заштитна маска. Околу Nwangene оперираат бројни центри за рециклажа, а речиси никој од работниците не носи било каква заштита. Уште полошо е што повеќето од топилниците за метали немаат никакви филтри и прочистувачи на воздухот. Сè се работи на отворено и се испуштаат огромни количини на согорени метали во воздухот.
Еден од работниците во леарниците, Икечукву (не е истиот), вели дека не се грижи за своето здравје. „Не носам маска зашто не ми треба. Користам лекови кои ми помагаат со здравјето…
Најголем проблем е што во Нигерија не го сфаќаме загадувањето сериозно. Би требало активно да го следиме квалитетот на воздухот, затоа што бројот на население постојано расте, имаме сè повеќе индустрии, а немаме државна агенција за заштита на околината“, вели докторот Нелсон Алуја. Неговата теза – дека екологијата никој не ја сфаќа сериозно, ја потврдува и самата состојба во здравството. „Немаме стандарди за грижа за луѓето кои умираат заради проблеми во дишниот систем“, истакнува тој, додавајќи дека луѓето ќе продолжат да умираат сè додека одговорните не се освестат.