Катрина Букман е дефинитивно една од најразочараните луѓе на планетава, или барем била во моментот кога од њујоршкото казино ѝ соопштиле дека одлучиле да ја поништат нејзината добивка од безмалку 43 милиони долари, со изговор дека дошло до системска грешка.
Во знак на извинување, казиното ѝ понудило вечера и 1.73 евра, колку што Катрина потрошила на машината. Таа, очекувано, децизно ја одбила понудата и случајот го изнела пред суд, барајќи отштета.
Несреќничката играла на машината кога одеднаш светлата се запалиле и се огласила музиката за џекпот, а на екранот се појавил износ од 42.949.672 долари (околу 37 милиони евра). Катрина веќе почнала да слави, па дури и направила селфи со „добитничкиот“ екран, но управата на казиното наскоро ја разочарала со веста дека се работи за грешка и таа нема да ги добие парите. Дел од тужбата на Катрина се однесува токму на тоа – казиното е обвинето дека не ги оддржува машините и ризикува дефекти.
Згора на тоа, ова не му е прв случај на казиното да заврши на судење поради неисплатен џекпот. Претходно ги тужела и друга Американка, бидејќи не ѝ ги исплатиле милионите кои ги добила на машината „Hello Kitty“. Не е јасно што ќе се случи со Катрина и нејзината „добивка“, но во наведениов случај претходно судот пресудил во полза на казиното.
„Неправилностите со машините често се случуваат. Машината е програмирана да исфрли максимум од 6.500 долари, така што не е можно таа да добила 43 милиони“, образложуваат од казиното.