Бардот на македонското новинарство и публицистика од Гостивар, Киро Кипроски го издаде своето 13-то дело. Станува збор за монографија со наслов „Светот без Македонија не е цел“ во која се поместени оригинални новинарски текстови, кои во времето кога настанале, авторот акцентот го става на актуелностите, анегдотите и заткулисните игри.
Монографијата од околу 300 страници е поделена во два дела. Првиот: Забележано необјавено и вториот: Наш став, каде се содржат текстови објавени во редакциски колумни на весникот Нова Македонија.
Книгата е посветена на 75-тиот роденден на Кипроски, а ќе биде промовирана во сабота (1 јуни) во Бигорскиот манастир со почеток во 12 часот. На промоцијата најавени се обраќања на рецензентот Марјан Велевски-главен и одговорен уредник на Нова Македонија, уредничката на монографијата Светлана Вељановска-декан на правниот факултет во Кичево и авторот на делото.
Инаку, како што открива Кипрсоки, насловот „Светот без Македонија не е цел“ е произлезен од разговор со поетот академик Радован Павловски, кој зборувал за културно-историското значење и големина на Македонија.
Киро Кипроски со новинарство се занимава над пет и пол децении, а првите новинарски чекори ги направил во детскиот неделник „Наша просвета“. Како средношколец и студент соработувал со младинските весници „Млад Борец“ и „Студенски збор“. Новинарската кариера ја градел во медиумите Нова Македонија, „Танјуг“, „МИА“, „Макфакс“, Радио Скопје, во програмите на македонски јазик на Радио Дојче веле и Радио Берлин, пишувал за изданијата на НИП „Вјесник“ Загреб, неделниците „Журнал“,„Екран“ и многу други. Како матична куќа го има Радио Гостивар, каде работел како новинар – уредник на емисиите на македонски јазик. Од 1993 до 1998 година бил член на Претседателството на Здружението на новинарите на Македонија.
Автор е на тринаесет книги и монографии, меѓу кои „Галичник засекогаш“, „Манастир Свети пророк Илија-Долно Јеловце“ , „Сага за македонските воени пилоти“ „Духовните светилишта на гостиварското архијерејско намесништво“, „Поглед низ времето“ итн.
Сподели ја веста: