Половина од Србите имаат словенско потекло, додека во другата половина најбројни се оние со гени од „староседелците“ на Балканот, вели Милан Рајевац – раководител на проектот „Српска ДНК“. Според резултатите, во генетскиот код на Србите се „впишани“ и Германите и Келтите, но и народите од Кавказ и Блискиот Исток.
Проектот Српска ДНК е почнат пред седум години од Здружението на српски патриоти „Потекло“, а се спроведува во соработка со Центарот за форензија и применета молекуларна генетика при Биолошкиот факултет во Белград. Центарот располага со повеќе од 4.500 податоци од тестирани Срби од сите краеви на поранешна Југославија, што според Рајевац е најголема база на тестирани од сите европски народи.
А според резултатите, половина од нив, по машка линија, имаат словенско потекло. Во другата половина најбројни се тие со „балканско староседелско“, т.е. пресловенско потекло, вели Рајевац.
Но како и кај другите народи, и српската ДНК е „шаренолика“, истакнува тој. Имено, според анализата, таканаречената Хаплогрупа I1, која се поврзува со германските народи, ја има кај речиси 9% од населението, што значи дека секој на секои 10 или 11 Срби има по еден со германско потекло. Тие со викингшко потекло се најбројни во Пријепоље и околината, вели Рајевац. Таму ги има повеќе од 20 проценти.
Во генетскиот запис на Србите има и хаплогрупи кои се поврзуваат со Келтите. Се смета дека 5-6 отсто од Србите имаат келтско потекло.
Рајевац тврди дека е заблуда тезата дека гените на Србите се помешани со гените на Турците и дека во досегашните анализи не се појавиле хаплогрупи карактеристични за турските и централно-азиските народи.
„Можно е да постои одреден процент на хаплогрупи кои Турците ги пренеле на Балканот, но тоа не е утврдено. Дури и кај Бошњаците е незначителен генетскиот удел на Турците“, вели тој.
Според него, Србите, Црногорците, Бошњаците и Хрватите имаат многу слична генетика и имаат исти најбројни хаплогрупи во нивната ДНК.
Истражувањето во рамките на проектот Српска ДНК се спроведува преку тестирање на Y-DNA хромозомот кај мажите, бидејќи, како што објаснува Рајевац, се тестира само Y хромозомот, преку кој најпрецизно се испитува потеклото, дури и до неколку илјади години наназад.