Литванскиот виолинист со светско реноме Џулијан Рахлин и Македонската филхармонија, вчеравечер на Античкиот театар со спектакуларен концерт и незаборавна вечер за публиката, го отворија 64. фестивалско издание на „Охридско лето.“
Градот Охрид и фестивалот „Охридско лето“, беа и остануваат епицентар на македонската култура во кој децении наназад се испреплетуваат илјадници културни збиднувања и настани.
Уметничката порака годинава од сцената на Античкиот театар ја пренесе Владимир Костов, еден од најпознатите и најдобрите македонски виолинисти кој нагласи дека фестивалот „Охридско лето“ повеќе од шест децении ја рефлектира вечната борба за промоција на вистински вредности преку деликатен избор на најдобрите уметници кои на древните сцени во Охрид, секоја година го реинкарнираат духот на уметноста во неговата највозвишена форма.
-Креативност не значи да бидеш различен, ниту комплексен. Креативност значи да бидеш едноставен како Бах, восхитувачки едноставен во лавиринтот на комплексната звучна полифонија. Справувајќи се со комплексноста на современиот свет, да не ја заборавиме важноста на уметноста во нашите животи. Да ги поддржуваме и славиме уметниците, да инвестираме во уметничката едукацијата и да бидеме сигурни дека уметноста ќе остане длабоко интегрирана во нашето општество.Токму затоа е важно да ја препознаеме нејзината сила и да ја поттикнеме преку цврсто изграден систем на вредности да ја шири својата есенција, да едуцира, да создава здрав звучен амбиент кој ќе му пркоси на шундот и кичот, порача виолинистот Костов.
Шеесет и четвртото „Охридско лето“, по традиција беше отворено со интонирање на фестивалската химна напишана од композиторот Томислав Зографски и со палење на фестивалскиот оган.
До 20. август, љубителите на културата ќе уживаат во 36 уметнички настани, од кои 25 од областа на класичната музика, шест извонредни театарски претстави, едно стенд-ап шоу, и по една изложба и промоција на книга.
Роденденскиот концерт годинава му е отстапен на салса ансамблот „Меркадонегро“, а во дополнителната програмата ќе настапи македонскиот виртуоз на гитара со светско реноме, Влатко Стефановски.