ДИЖС: Цементарница „УСЈЕ“ ги имплементираше препораките, мерењата на 8 емисиони точки не евидентираа надминување на граничните вредности

На 7ми Февруари е започната постапката за спогодување пред Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и истата е во тек, а по завршување на спогодувањето јавноста ќе биде информирана за конечната одлука, информираше Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во врска со случајот за Цементарница „УСЈЕ“.

Правниот субјект Цементарница „УСЈЕ“, соопшти ДИЖС, постапи по издаденото Решение во инспекциска постапка од страна на Државен инспектор за животна средина од Одделението за инспекциски надзор во животната средина-Скопски регион, при што во двата котли за парно греење, со моќност од 4.2 MW, во котларата за загревање на фабриката, отпочна со користење природен гас како гориво.

Исто така, наведуваат од ДИЖС, со акредитирана лабораторија за животна средина биле извршени мерење на емисија на гасови од емитерот-оџакот на парниот котел, а од пристигнатиот извештај е утврдено дека нема евидентирано надминување на граничните вредности на емисија (ГВЕ).

Правниот субјект, додаваат понатаму, реализирал и мерења, согласно А-ИЕ Дозволата, на 8 емисиони точки од сите производни делови кои се во работен режим, со две акредитирани лаборатории за животна средина. Поради редовен годишен ремонт на ротациона печка 4 (која не е во работен режим) и придружни работни единици, останати четири мерни места ќе се мерат дополнително, додаваат од ДИЖС.

Прочитајте и:  Донесена Наредба за воведување мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции

Од пристигнатите извештаи е утврдено дека нема евидентирано надминување на ГВЕ-граничните вредности на емисија, се вели во соопштението.

Од ДИЖС потсетуваат дека Цементарница „УСЈЕ“ А-Дозволата за усогласување со оперативен план ја поседуваше од 2011 година, измена на А-ДУОП беше направена во 2013 година, а А-Интегрираната Еколошка Дозвола ја поседува од 2020 година. Дозволите ги издава Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Врз основа на пристигнато барање од страна на Канцеларијата на Народниот Правобранител на РСМ (Заменик НП), во тек е подготовка на информација со барани податоци за работењето на правниот субјект Цементарница Усје која ќе биде доставена до барателот во законски утврдениот рок.

ДИЖС редовно ќе врши инспекциски надзори во правниот субјект согласно утврдени планови за работа“, додаваат од Инспекторатот.

- Реклама -