Дипломата од средно на Алберт Ајнштајн

Ако уште верувате во митот дека Ајнштајн имал кец по математика, бил слаб ученик или паднал година, еве ви ја неговата оригинална диплома за да ги побие лажните приказни. Како што можете да видите, Ајнштајн имал чисти шестки (на скала од 1-6, еквивалент на нашето „одличен 5“) по алгебра, геометрија, физика, ама и историја. Единствено имал тројка по француски. Мразел француски.

Од оценките (со вкупен просек 5, еквивалент на нашето „многу добар“, притоа во време кога далеку помалку се местеле оценки)  јасно се гледа каде лежел афинитетот на Ајнштајн, и сосема логично е таков ученик да стане научник (не да стане Ајнштајн, ама сепак – научник).

Митот за кецот по математика на Алберт, иако можеби е корисен, веројатно настанал поради забуна околу разликите во германскиот и швајцарскиот училишен систем. Имено, во Швајцарија, 6-ката била највисоката оценка, а кецот најниска. Во германскиот школски систем, било обратно – кецот бил највисока оценка.

Ајнштајн го почнал школувањето на 6-годишна возраст, во католичко училиште (иако неговите родители биле Евреи, не биле нешто посебно религиозни и повеќе биле заинтересирани за академскиот стандард на училиштето), каде бил меѓу најдобрите ученици. На 10-годишна возраст бил примен во гимназијата Луитполд во Минхен, каде повеќе се преферирале латинскиот и грчкиот, отколку математиката и науките. Во меѓувреме родителите на Алберт се преселиле во Италија, но него го оставиле во Минхен за да ја заврши гимназијата. Сепак, незадоволен од наставната програма, по само 6 месеци Алберт успеал да убеди доктор да му издаде медицинска белешка со дијагноза „неврастенична исцрпеност“, со што бил ослободен од гимназијата, го прекинал школувањето и заминал кај родителите во Италија.

Во 1895-та, на возраст од 16 години, Ајнштајн полагал приемен за напредниот Државен политехнички институт во Цирих, Швајцарија. Сепак, не бил примен (имал највисок резултат по математика и природни науки, но паднал на јазик и историја), па продолжил да учи трета и четврта година во средното училиште во Аргау, Швајцарија. Таму и ќе матурира, во септември 1896-та, а тоа на сликата е токму оригиналната диплома од полагањето на швајцарската матура (каде што шестка е највисока оценка).

Без да навлегуваме во повеќе детали (лесно ќе ги најдете на интернет), ќе скокнеме директно до 1935 година, кога еден рабин на универзитетот Принстон ќе му го прочита на Ајнштајн текстот објавен во Ripley, насловен „Најголемиот жив математичар паднал по математика“. Ајнштајн на тоа само ќе се изнасмее. „Никогаш немам паднато математика. Пред да имам 15 веќе знаев диференцијален и интегрален калкулус“.

Како и да е, еве ги оценките од дипломата, преведени:

1. Германски јазик и литература: 5
2. Францускиот јазик и литература: 3
3. Англиски јазик и литература: –
4. Италијански јазик и книжевност: 5
5. Историја: 6
6. Географија: 4
7. Алгебра: 6
8. Геометрија (планиметрија, тригонометрија, стереометрија и аналитичка геометрија): 6
9. Описна геометрија: 6
10. Физика: 6
11. Хемија: 5
12. Историја на природата: 5
13. Цртање/ликовно: 4
14. Техничко цртање: 4

 

 

- Реклама -