По успешната летна турнеја низ Балканот со настапи на четири островски фестивали и тоа фестивалот “Там Там” на островот Хвар, “Зларин Стрит Фестивал”, фестивалот “МАРС” на Мљет и “LAstovo Otok Glazbe” музичкиот фестивал на Ластово, Дина Јашари продолжува понатаму со освојување на европските музички сцени.
На 6 ноември, Дина Јашари трио ќе се претстави со свој целовечерен концерт во познатата музичка концертна сала “Palac Akropolis” во Прага, како дел од премиерата на музичкиот документарен филм “Efterklang: Makedonium Band” каде и самата зазема учество. Дина Јашари Трио во Прага ќе настапат заедно со данскиот бенд Efterklang, со кои ќе се обединат повторно на сцената по настапот на Дина и Efterklang: Makedonium бендот на отворањето 21 издание на фестивалот на европски филм Синедејс во јули годинава.
Ден претходно, триото ќе настапи во културниот центар “Layerjeva hiša” во Крањ, Словенија, додека на 8 ноември, новосадската публика ќе има можност да го проследи настапот на триото во необичниот простор на “Bulevar Books”.
Последниот настап на Дина Јашари во Скопје беше за време на фестивалот Прво па Женско во Музеј на современа уметност на 1ви јуни 2024, каде за прв пат го претстави новото трио. Триото е во подготовка на новиот музички материјал кој во вид на албум е планиран да биде издаден некаде кон средината на 2025 година.
Изминативе години, Дина Јашари постигна големи успеси со бројни настапи во Македонија но и надвор од границите на државата на фестивали како “EXIT” (Нови Сад), “MENT” (Љубљана), “WIANKI” (Краков). Еден од поголемите настапи на младата музичка ѕвезда во подем е како предгрупа на бендот “Елементал” во огромната спортска сала “Шалата” во Загреб, по повод нивниот јублиеен концерт за 25 години постоење на бендот.
Во 2022 година Дина Јашари ја освојува и наградата Милан Младеновиќ за песната “Дома”.
Триото Дина Јашари е составено од Драган Теодосиев (тапани), Лука Тошев (гитара) и Дина Јашари како вокалистка и кантавторка.