Димовски: Со една изборна единица и отворени листи никогаш ќе немаме пратеник од Неготино, Пехчево, Виница…

Предлогот за воведување на една изборна единица ќе ги остави помалите градови низ Македонија без свои пратеници во Собранието, тврди пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ – Илија Димовски во гостувањето во „Детектор“ на „Сител“.

Според него, тоа ќе доведе до елитизација на веќе популарните и познати јавни личности, односно ќе ги стави во сенка и ќе им ги намали шансите на кандидатите од помалите градови.

„Многу ќе му биде полесно на господинот Зекири или мене како долгогодишни активни луѓе во политика или во медиуми или присутни луѓе во медиумите да ги пласираме нашите идеи, отколку на некој кандидат од град Неготино или град Демир Капија или од град Пехчево, помали средини, кои што ќе немаат можност, никогаш практично со тој модел да имаат свои пратеници. Зошто? Партиите ќе си ги централизираат кампањите на оние што се јавни личности, веќе познати личности или личности кои што доаѓаат од големи градови, Битола, Струмица, Велес“, вели Димовски.

Во таков случај, констатира, во Собранието никогаш или многу ретко ќе има пратеници од градови како Неготино, Гевгелија или Виница. За разлика од модел на една изборна единица, актуелниот модел овозможува и тие граѓани да имаат свој претставник, објаснува Димовски и додава дека не случајно земји како Велика Британија и САД се држат строго на тој модел (мнозински систем со плурално гласање во прв круг) повеќе од 200 години“.

Од друга страна, според најновата анкета на „Детектор“, мнозинството граѓани бараат промена на изборниот модел.

- Реклама -