Димитров: Очекуваме политичка одлука за почеток на преговори до крајот на годинава

Одржувањето на отворена европска перспектива за регионот е исклучително важна, а со тоа и објективното препознавање на постигнатиот напредок, порача министерот за надворешни работи – Никола Димитров, од Министерскиот состанок на земјите од Вишеградската група и земјите од Западен Балкан, кој се одржа во Братислава.

Овој процес, истакна Димитров, треба да е двонасочен: земјите аспиранти мора континуирано да работат, да се подобруваат и да испорачуваат позитивни резултати, а ЕУ треба постигнатиот напредок адекватно да го вреднува преку процесот на пристапување.

Оттаму, Димитров утре од Европската комисија очекува земјава да добие позитивен извештај кој, како што рече, „реално ќе го отслика пресвртот“ што Северна Македонија успеа да го постигне во изминатиот период, како дома – преку унапредување на состојбите во клучните области и демократските процеси, така и надвор – преку договорите со Грција и Бугарија.

„Потоа очекуваме политичка одлука за отворање на преговорите до крајот на годинава. Тоа не значи дека очекуваме и сме спремни да станеме членка денес или утре. Туку значи само отворање на следната фаза – почеток на новата етапа од нашиот европски пат, кој се разбира дека ќе биде долг и ќе бара уште многу работа. Но е почеток кој е заслужен и неопходен за нашата европска иднина!“, порача Димитров.

На маргините на состанокот В4 – Западен Балкан, министерот Димитров оствари разговори со домаќинот Мирослав Лајчак – министер за надворешни работи на Словачка, и останатите присутни колеги, како и одвоени билатерални средби со унгарскиот министер за надворешни работи – Петер Сијарто, и албанскиот министер за надворешни работи – Гент Цекај, соопштија од Министерството за надворешни работи.

- Реклама -