Претседателот на бугарскиот дел од заедничката комисија за историски прашања со Бугарија – Ангел Димитров, денеска на брифинг во бугарското Министерство за надворешни работи изјави дека дводневната средба на Комисијата завршила без резултати.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, тој информирал дека членовите на Комисијата на средбата успеале да го усогласат записникот од 12. состанок што се одржа на почетокот на 2021 година. Тоа, според него, има симболика.
Димитров информирал и дека на денешната „неплодна средба“ историчарите зборувале за Цар Самуил, при што посочил дека „сѐ уште се заглавени во 10. и 11. век“.
Копретседавачот од бугарската страна истакнал и дека стравува дека работата на Комисијата ќе биде тешка и во текот на следната година.
„Кога не сакате да ја прифатите основната формулација на Договорот за пријателство и добрососедство, а тоа е заедничка историја, значи дека се сомневате во примената на тој договор“, изјави Димитров.
Според него, за да заживее Договорот, ќе мора да се преземат чекори на сите полиња на соработка, а Мешовитата комисија, како што посочи, е само едно од нив.
Следната 17. средба на Комисијата е закажана за февруари 2022 година, а во текот на следната година треба да се одржат вкупно пет состаноци.
Претходно, македонското МНР исто така информираше дека дводневната 16. редовна средба завршила без напредок, посочувајќи, притоа, дека остануваат разликите во пристапот кон историјата и нејзината улога и дека двете страни се сè уште далеку од решение.
Извор: МИА