Димитриевски: Постои МАНУ и таа им припаѓа на сите, недозволиво е паралелизам

Лидерот на коалициониот партнер во власта, ЗНАМ, вели дека од „Вреди“ треба да се свртат кон економски раст и развој на државата, подобар живот на сите граѓани и суштинска заложба во сузбивање на криминалот и корупцијата

Претседателот на владиниот коалиционен партнер ЗНАМ, Максим Димитриевски, гледа постизборен популизам кај партнерот „Вреди“ кој објави иницијатива за формирање Академија на науките на Албанцитево Македонија.

„Науката не смее да се политизира ниту пак да се етницира, таа има своја генеза и континуитет. Ваквите обиди и идеи се резултат на постизборен популизам. Во Македонија постои МАНУ како една и единствена Академија која им припаѓа на сите и никаков паралелизам не е дозволен“,

реагираше денеска Димитриевски.

Според него, партнерите во власта од „Вреди“ треба да се свртат кон економски раст и развој на државата, подобар живот на сите граѓани и суштинска заложба во сузбивање на криминалот и корупцијата вклучувајќи ја, како што вели, и политичката корупција, а за тоа според Димитриевски, потребна е и понуда на кадри со чисто минато без криминал и опашки.

Реакцијата на Максим Димитриевски е предизвикана од вчерашното соопштение на лидерите на „Вреди“ кои од Тетово најавија дека ќе се обезбеди општинско финансирање на здружението „Албанска академија на науките и уметностите“. Општинското финансирање, како што рекоа од „Вреди“, треба да биде привремено решение, а ќе бараат академијата да ја финансира државата од буџетот.

И главниот коалиционен партнер, ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е единствената институција која ја обединува македонската научна мисла и во нејзиниот состав има научници од различни етнички заедници.

- Реклама -