Димитриеска Кочоска: Буџетот е оштетен за повеќе од половина милијарда евра

Министерката на финансии Гордана Димитриеска Кочоска денеска, на прес-конференцијата за ребалансот, рече дека Буџетот е оштетен за повеќе од 32 милијарди денари (520 милиони евра). Таа очекува, како што напомена, за констатираните состојби да реагира Основното јавно обвинителство.

Како што рече Димитриеска Кочоска, има многу доспеани обврски кои не се пријавувани.

Можам да кажам дека има многу доспеани обврски и дека не се пријавувани. Понатаму надлежноста е на другите иституции. Јас ги кажувам констатираните состојби во Министерството за финансии, истакна Димитриеска Кочоска.

Таа претходно, соопштувајќи ја владината одлука за ребалансот на Буџетот, информира дека за плати се обезбедени 4,1 милијарда денари, а за исплата на пензиите пет милијарди денари. Инфлацијата е предвидена на ниво од 3,5 отсто, а растот на нето платата за 13 проценти. Вкупните приходи во Буџетот се планирани на 318 милијарди 150 милиони денари што е за 8,22 милијарди зголемување, планирнао е и зголемување на даночните приходи од сопствени сметки, додека расходите се планирани на 362 милијарди 816 милиони денари што е зголемување од 19,178 милијарди денари.
Министерката, соопшти и дека од КОВИД-мерките во Буџетот, што ги креирала претходната Влада, се скратени 620 милиони денари (10 милиони евра).
КОВИД-мерките, како што рече Димитриеска Кочоска на прес-конференцијата, веќе не треба да постојат зашто короната е веќе минато и одамна зад нас.

Комплетно се скратени 620 милиони денари од КОВИД-мерките предвидени во Владата и повеќе нема што да стои таква мерка – „КОВИД“. КОВИД-от е одамна зад нас и им кажав на моите вработени во Министерството, веќе таков опис да не постои. Нема што да зборуваме за КОВИД во 2024 година, рече Димитриеска Кочоска, одговорајќи на новинарски прашања.

Во врска со ЕСМ, министерката информира дека државата ќе плати еден дел од гаранцијата што на компанијата и доспева во август. Повеќе од тоа, додаде, нема да има трансфер од Буџетот за ЕСМ.

Еден дел од гаранцијата која им доспева во август ќе платиме ние, останатиот дел ги задолживме да го платат сами. Ќе можат, таму различни ни се ставовите, тие имаат еден став. Во овој момент повеќе од тоа нема да има трансфер од буџетот за ЕСМ, потенцира Димитриеска Кочоска.

Извор