„Die Presse“: Албанија и Северна Македонија ќе почекаат, посетата на Заев нема тоа да го промени

Двете балкански земји нема да добијат почеток на преговори за членство во Европската унија пред летото, пишува австрискиот Die Presse. Дури ни посетата на премиерот на Северна Македонија – Зоран Заев на Брисел во вторникот, нема да го промени ставот на членките, констатира весникот.

 

Неколку земји членки одбиваат преговори за членство со Албанија и Северна Македонија и тоа нивните ЕУ амбасадори ќе го кажат и денес (среда) на средбата во Брисел со еврокомесарот за проширување – Јоханес Хан, тврди Die Presse. Со оглед дека одлуката подразбира едногласна согласност од сите 28 членки, извесно е дека двете земји од Западен Балкан нема да го направат следниот чекор кон членство во ЕУ.

Франција и Холандија посебно силно се противат на отварањето на пристапни преговори со двете земји, истакнува весникот.

„Кога бев министер, го блокирав проширувањето на ЕУ со Албанија и Северна Македонија. Ние сме против и ќе останеме против. Тие географски се во Европа и треба да им се помогне, но не со проширување“, ја цитира весникот изјавата на Натали Лоизо – носителка на листата на партијата на францускиот претседател Емануел Макрон, дадена на 22 мај во интервју за францускиот RTL. Лоизо претходно беше министер за Европа, а сега ќе ги води европратениците на Макрон во Европскиот парламент.

Холандија уште повеќе се противи од Франција. Земјата бара укинување на слободниот визен режим за граѓаните на Албанија во рамки на Унијата, наведува Die Presse. Во понеделникот портпаролка на Европската комисија потврдила дека Комисијата го добила писмото од Хаг со таквото барање.

Во Данска и Германија исто така нема согласност за почеток на пристапните преговори со двете земји. Во Данска денеска се одржуваат парламентарни избори и се очекува победа на социјалдемократите. Под водство на лидерот Мете Фредериксен, партиските ставови се изразито десни кога станува збор за надворешната политика.

Прочитајте и:  Крвава расправија на ученици во Тирана - еден починат, двајца повредени, еден приведен од полицијата

Германија, пак, е скептична околу реформските напори на владите во двете земји, а постојат и процедурални причини што доделувањето на датумот за почеток на преговори го прават невозможно пред летото. Имено, германската влада може да одобри почеток на преговори со трета држава само откако претходно ќе добие одобрување од Бундестагот. Бундестагот, пак, заседава уште неделава и потоа во последната недела од јуни, по што заминува на летна пауза. Оттаму, пратениците ќе немаат доволно време за да го разгледаат и дебатираат извештајот на Европската комисија во кој се препорачува почеток на преговорите. Одлука по ова прашање Бундестагот ќе донесе најрано кон крајот на септември, посочи лидерот на пратеничката група на ЦДУ – Јохан Вадефул.

Die Presse потсетува и на минатонеделната изјава на шефицата на европската дипломатија – Федерика Могерини, оценувајќи ја како спорен аргумент. Могерини тогаш порача дека по решавањето на спорот со Грција, ЕУ е должна да започне преговори со Северна Македонија, но неименуван европски дипломат, како што пренесува Die Presse, целосно го демантира нејзиниот аргумент:

„(Решавањето на спорот) Никогаш не беше услов за проширување, туку за пристапување во НАТО“.

Дипломатот зборува и за реформите и ситуацијата во Албанија.

„Погледнете ги протестите во Албанија и како реагира владата: зарем препознавате некаков напор? Да не заборавиме дека Комисијата и пред две-три години предупреди дека постои опacноcт земјата да потпадне под контрола на организираниот кpиминaл“, вели дипломатот.

На средбата со Заев, пак, претседателот на Европската комисија – Жан Клод Јункер, оцени дека земјава објективно заслужува почеток на преговорите и порача дека Европската комисија ќе направи сè што може таа одлука да биде донесена летово. Јункер истакна дека најверојатно земјава датумот најверојатно ќе го добие во јули.

 

- Реклама -