Луксузен ресторан во Рим, популарен меѓу британските и американските познати ѕвезди, е затворен од полицијата под сомнение дека е користен за перење пари, објави Daily Telegraph.
Тим Рот, Џералд Батлер, Роберт де Ниро, Ал Пачино и Силвестер Сталоне се само дел од селебрити фаците за кои се знае дека често биле гости во Assunta Madre – познат ресторан за морска храна во стариот центар на Рим.
Еден од уапсените е Џани Микалузи, сопственик на ресторанот, познат меѓу странските клиенти како „Џони“, кој засега останува во притвор. Инспекторите го обвинија за „незаконски практики“ и „печалење леб од криминална активност“. Тие тврдат дека токму тоа е начинот на кој Џани ја изградил бизнис империјата низ годините, одигрувајќи „голема улога во економското ткиво на главниот град“. Скандалот е последниот од случаите во кои излегува на виделина дека ресторани и куп други навидум легитимни бизниси во Италија, всушност се користат за перење пари.
Националната организација која ги претставува земјоделците и производителите на храна – Coldiretti, тврди дека повеќе од 5.000 ресторани во земјата се наоѓаат во рацете на мафијашки кланови и други мрежи на организираниот криминал. Криминалните групи „ја користат економската криза за уште позасилено да влезат во легалната економија“, истакнува организацијата.
Заедно со Џони се уапсени уште пет лица, вклучувајќи ги неговите двајца синови, неговиот банкарски менаџер и сметководителот. Тие се обвинети за „перење пари со незаконски потекло“.
Ресторанот Assunta Madre се наоѓа на Via Giulia, калдрмена улица во центарот на Рим, опкружена со скапи продавници за антиквитети, ренесансни цркви, бутици и луксузни хотели. Ресторанот бил толку успешен низ годините, што Микалузи отворил и други ресторани во Лондон, Милано и Барселона.
Неделава требаше да отпатува и да отвори ресторан и во Монте Карло, и тоа во друштво на Флавио Бријаторе – поранешен шеф на Формула 1 и сопственик на најскапиот ноќен клуб „Billionaire“ во Сардинија. (Според инспекторите, Бријаторе е чист и нема ништо со настанот).
Главната врата на ресторанот беше заклучена во петокот. Во фоајето можеа да се видат живи јастози и риби во џиновски аквариум, а веднаш до него слики од познати личности на ѕидовите – од Џорџо Армани, па до Елтон Џон, Морган Фримен и Квентин Тарантино.
Еве и дел од пријателите на Џони. Погоре го видовте со Сталоне, а овде ќе го видите со Пачино, Де Ниро, Тоти, Вуди Ален, па дури и Папата лично.