Џокер ли го уби Хит Леџер?

Трагичната смрт на Хит Леџер непосредно пред премиерата на The Dark Knight, доведе до лавина од шпекулации за тоа како улогата на Џокер влијаела на неговото ментално здравје.

Зборувајќи на Tribeca Film Festival по премиерата на биографскиот документарец I Am Heath Ledger, сестрата на актерот – Кејт, ги отфрли сите овие гласини.

„Бев навистина шокирана, бидејќи Хит само се забавуваше (во улогата)“, одговори таа на едно од прашањата од публиката. „Во сите написи пишуваше дека тој бил депресивен и улогата на Џокер имала влијание и била товар за него. А ние, искрено, знаевме дека беше баш спротивното. Таквите гласини не можат да бидат попогрешни“, раскажува сестра му.

„Хит имаше извонредна смисла за хумор, и претпоставувам дека само неговото семејство и пријатели го знаеја тоа, ама Хит се забавуваше. Не беше депресивен околу Џокерот!“

https://youtu.be/PdRY-BjdqJM

Леџер почина во 2008 година, откако се предозираше со лекови препишани на рецепт. Неговата улога на Џокерот во The Dark Knight – базиран на стриповите за Бетмен – беше со воодушевување примена од критичарите, а Леџер постхумно доби Оскар за истата.

Продуцентот на биографскиот документарец – Мет Амато, се надева дека филмот ќе ги разјасни „мистериите“ и дека ќе биде „противотров“ на гласините кои кружат низ светот. „Кружат некои навистина ужасни нешта за Хит таму надвор“.

Самиот документарец, пак, доби умерени критики. Според Hollywood Reporter и Variety, филмот, иако нуди извесна интима, одвај загребува по површината од тоа што беше Хит Леџер и наследството што му го остави на светот.

- Реклама -