Белгиските уметници поставија џиновски мигрант – балон на надувување, со цел да ја зголемат свеста за тешката ситуација во која се наоѓаат лицата кои останаа без своите домови и заради војните во своите земји мораа да побараат друг дом.
Шестметарската кукла на надувување е дело на белгискиот уметнички колектив “Schellekens & Peleman”. Како што самите ја опишуваат, таа е симбол на дехуманизацијата на бегалската криза која се случува денес низ светот.
„Уметноста може да ни помогне на друг начин да го согледаме светот и да ни пружи нов поглед на реалноста“. „Истовремено“, додаваат авторите, „уметноста мора да има критички осврт на општеството во кое живееме, а уметниците се тука пред сé за да разменуваат идеи и да прават дебати, да ги поттикнуваат луѓето на размислување и расправа, а не да нудат готови решенија и одговори“.