Џек Вајт (од White Stripes) забрани мобилни на своите концерти

Некогашниот фронтмен на “White Stripes” и “The Racounters” – 42-годишниот Џек Вајт, забрани употреба на мобилни телефони на своите концерти.

Забраната веќе ја испроба на концертите во САД, а сега се подготвува со својот нов материјал да настапува во Велика Британија.

На неговиот официјален вебсајт се наведува дека секој посетител на концерт ќе добие своевиден сеф за мобилниот телефон, кој ќе може да биде отклучен само надвор од салата.

„Никакви уреди за фотографирање и снимање видео и аудио содржина не се дозволени. Сметаме дека ќе уживате во тоа да не гледате во своите телефони некое време, и да ја искусите музиката и нашата љубов кон неа“, се наведува во објавата.

Тие што ептен ќе сакаат нешто да споделат на друштвените мрежи, ќе можат слободно да преземат содржини од сајтот на официјалниот фотограф на концертот, се наведува во соопштението.

Џек Вајт е еден од тие што во повеќе наврати ги критикуваа луѓето што на концертите зјапаат во своите мобилни телефони.

„Да настапуваш пред луѓе кои не можат ни да аплаудираат после песната зашто во рацете ја имаат таа ствар со која со некој се допишуваат, а во другата рака веројатно имаат пијачка, е губење време“, вели тој.

Кога сме веќе кај White Stripes:

Сé повеќе јавни изведувачи (било да се музичари, стенд-ап комичари итн.) почнуваат да ги забрануваат мобилните на своите настапи. Сé повеќе компании нудат услуги за чување на мобилните за време на такви настани.

Не само што со забрана на мобилните изведувачите спречуваат пиратерија на нивната содржина, туку и се штитат себеси и нивната публика од дистракции. Во кино, на пример, светлото од вашиот екран им смета на тие околу вас (верувајте ни околу ова, 100 пати проверено), а на концерт, стенд-ап комедија или во театар ви го осветлува глупото незаинтересирано лице (што би рекол Луис Си Кеј).

- Реклама -