Премиерот на техничката Влада Талат Џафери во интервју за „Дојче Веле“ посочил дека со оглед на неговото долгогодишно политичко и институционално искуство се чувствува комотно во извршувањето на новата функција премиер. Тој посочил дека она што е важно и приоритет по неговото доаѓање на функцијата е институцијата што ја предводи да продолжи да биде функционална и да продолжи да носи одлуки во интерес на потребите на граѓаните.
Како што соопштија од владината прес-служба, тој се осврнал на фактот дека Владите им припаѓаат на граѓаните и на државата, а не на партиите и дека институциите не може да се третираат како нечија лична сопственост.
– Владата е на граѓаните и на државата, така да, како институција не може да се третира како моја, ваша, твоја Влада. Владата си е на државата, а учесници во таа Влада се различни субјекти според нашите актуелни состојби, во смисла на шареноликоста на политичките субјекти кои што учествуваат, потенцирал Џафери.
Во однос на изборот на Албанец за премиер, Џафери посочил дека тоа е пред сѐ додадена вредност на реформите што се случуваат во земјава со оглед на фактот дека овој избор на подолг рок ќе значи промена во перцепциите како во однос на правото и можноста сите граѓани да управуваат со земјата, но и во однос на одговорноста која ја носи тоа управување.
Во таа насока, се посочува во соопштението, тој истакнал дека е многу важно сите граѓани, без разлика на етничката припадност, да имаат удел и директно учество во управувањето и функционирањето на државата, затоа што тој пристап значи и зајакнување на чувството на припадност на сите граѓани, но значи и зацврстување на европските вредности.
– Сите ние имаме исти обврски кон државата. Сите ние придонесуваме за државата и нормално е да треба да имаме сите право да управуваме и со институциите, истакнал премиерот Џафери во интервјуто за „Дојче Веле“, се додава во соопштението од владината прес-служба.