Џабе шефот да ти е братучед, кога шеф ти е Ел Чапо

Ако од работа ве фатат дека лажете дека не можете да дојдете на работа, веројатно ќе ве отпуштат. Ако од работа ве фатат дека лажете дека не можете да дојдете на работа, а притоа работите за наркобосот Ел Чапо, сигурно е дека ќе ве отпуштат, ама од животот.

За време на судењето на озлогласениот Хоакин „Ел Чапо“ Гузман, од сослушувањата на сведоците стана јасно дека Ел Чапо порачал „отказ“ на свој роднина бидејќи овој си дозволил да отсуствува од „работа“ без да му ја објасни причината.

Според сведокот, еден ден братучедот на Ел Чапо – Хуан „Хуанчо“ Гузман, му се јавил на Хоакин за да го информира дека нема да може да дојде на работа бидејќи нема да е во градот. Арно ама, братучедот бил забележан во еден од градските паркови во Кулиакан (Синалоа, Мексико) токму на денот за кога го најавил своето отсуство.

Поранешниот помошник на Ел Чапо – Дамасо Лопез, пред судот раскажал дека Ел Чапо, кога го дознал тоа, начисто побеснел, пренесува New York Post. Тој им наредил на своите луѓе да го повикаат братучедот на „распит“, некаде во декември 2011-та. Со оглед на тоа што го знаеме од судењето, Хоакин веројатно не ги бендисал одговорите.

„Мојот човек жив се јадоса зошто Хуанчо го излажал“, раскажал Лопез пред судот. „Ел Чапо нареди Хуанчо да биде елиминиран и фрлен некаде во покраината на Кулиакан“, сведочел тој.

Секретарот на Хуанчо го снашла истата судбина, само поради тоа што бил со лажливиот братучед.

- Реклама -