Џабе работиш

workworkwork

Како и сите други, менуваш многу работни места. Си бил чистач, си бил бармен, си бил обезбедување, си пишувал за медиум, си работел администрација, и ништо од тоа не те задоволило, дури ни кога си имал висока плата. Работиш 6 дена во неделата и неизбежно е да се запрашаш: „Што, по ѓаволите, е работа? Што е поентата?“.

Питер Флеминг, професор по Бизнис и општество на универзитетот Сити, се обидува да одговори на прашањето во книгата „Митологија на работата“. Тој ќе рече:

„Одбивањето на работа не е околу мрзеливоста. Всушност, нема никаква врска со неправењето ништо. Ако сакаш да видиш луѓе што не прават ништо, оди во голема корпорација. Некои од нас се навистина среќни што го работат она што го сакаат, но најчесто тоа не е случај“.

Генералната антипатија кон работата е уште почудна, особено што, кога живееш во голем град, сите што те сретнуваат прв пат најпрво те прашуваат што работиш. Според Флеминг, ова е сосема очекувано.

„Идеологијата на работата ги демолираше сите други традиционални статусни структури поврзани со религијата, уметничкиот стремеж, семејството и други, во рамки на заедницата. По демолирањето на овие структури ние сме оставени во ситуација што ни вели дека единствено што е важно е работата што ја правиш – и затоа тоа е оската околу која мораш да го живееш и градиш својот живот. Истото е проследено со зголемена индивидуализација на општеството, која ги раскина традиционалните заедници“.

Глобалното истражување на Gallup во 2013-та, ги подели вработените во 3 различни категории: инволвирани (13%), неинволвирани (63%) и активно неинволвирани (23%).

Инволвираните работници се вредни, во основа, „тоа се луѓе што ќе скршнат од својот пат за да и помогнат на организацијата да успее, бидејќи ја гледаат својата добросостојба нераскинливо поврзана со добросостојбата на компанијата. Ако увидат дека нешто може да се направи, тие со сигурност ќе ја споделат таа информација“.

Неинволвираните работници едноставно се имаат предадено, не им е грижа: „Тие одат од еден пекол (дома) во друг пекол (на работа), и сé така. Тие страдаат од ‘презентизам’ т.е. одат на работа и кога се болни; се појавуваат во 9 наутро, ја завршуваат работата во првите неколку часа и само седат таму неправејќи ништо додека да заврши денот“.

Активно-неинволвираните, пак, се инволвирани во намерна саботажа. Тие ја повредуваат организацијата. Тие гледаат проблем, имаат решение, но се решаваат да не го понудат. Тие крадат. „Тие ги повредуваат колегите. Не многу одамна имаше случај кога еден адвокат беше фатен на работното место како го става својот измет во диспензерот со сапун, го помешува и ги остава луѓето да го користат без да им даде до знаење“. Таквите луѓе знаат и да се самоповредуваат, а не им е страно ниту самоубиството.

Флеминг зборува за садо-мазохистичкиот товар на работниот живот, нарекувајќи го „темна економија“.

„Не ја гледате темната економија во официјалните извештаи на политичарите или економистите, но ја гледате кога некој банкар ќе скокне од зграда. Има причина што данокот на алкохолот е најмал во земји со најголем култ кон работата, бидејќи е прифатлив начин на вентилирање на товарот од експлоатирачкиот процес. Темната економија се манифестира преку неприфатливото домашно насилство, самоубиствата поврзани со работата и слично“, објаснува професорот.

Износот на времето што го поминуваме на работа, дури и ако страдаме од „презентизам“, е поголем од било кога. Згора на ова, сé повеќе компании во денешно време го покануваат алкохолот на работното место – пиење на биро, како што е познато. Додека пијачките во канцеларија во петок навечер може да изгледаат како едноставен фин гест на шефот, Флеминг го сфаќа многу поцинично. Според него, избледувањето на границата помеѓу работата и „неработата“ е опасно.

„Модерниот менаџер сака да биде твој пријател, и тие се всушност фини луѓе. Тоа е најлошото нешто на кое можеш да наидеш. Ако мојот надреден мисли дека сум му пријател и можам да се шегувам со него, тој меѓу нас креирал врска што е неизбежна. Ако сакам да одбијам наредба, тој тоа ќе го сфати како лична навреда, како пријател што е одбиен. Може да ми рече, и со право: ‘Другар, пријателите не се третираат така’“.

739px-Saint_Monday_in_the_Prater,_1818[1]

„Порано, врската помеѓу алкохолот и работата беше сосема поинаква. Во 18-от век, вработените од западот имаа ‘Свети понеделник’ – традиционален обичај во кој работниците ги фрлаа алатите на земјата, ја завземаа фабриката и се пијанчеја во понеделничкото утро“, наведува Флеминг. „Порано се пијаневме за да го нервираме шефот, сега тој нé охрабрува да пиеме со него“.

Во книгата, професорот ја објаснува моменталната ситуација со терминот „био-пролетаријанизам“. Био-пролетаријанизам се однесува на начинот на кој ‘bios’ – животот е контролиран и користен од економијата. Модерните работни договори на нула часови („zero-hour contracts“, кои му овозможуваат на работодавачот да го диктира работното време буквално во чекор: може да изнесува од 0 часови до полно работно време, без гаранција дека ќе има работа) се одличен пример. Ако си на таков договор, никогаш не си недостапен.

„Да речеме дека работиш за агенција за кетеринг. Мислиш дека ќе работиш во бар вечерва и се подготвуваш, си платил за својата облека, а тогаш менаџерот ти се јавува и ти кажува дека ‘Не си ни потребен за вечерва’ и не одиш на работа. Но, секогаш си на закачалка за работење, дури и кога не работиш. Животот стана ситуација во која постојано работиш или си спремен да работиш“.

Што треба да се прави? Како да се спротиставиш на работата? Флеминг напомнува за времето кога добил грип и го претворил во 7-дневен одмор од работа.

„Кажано ни е дека работата е добра за нас, но всушност е спротивното – седењето е новото пушење“.

Отпорот, според него, е задушен преку економизацијата на работната сила. „За да економизираш, прво индивидуализираш. Ги ставаш сите на индивидуални договори, самовработени“. На пример, во 2013-та се појави извештај дека 70% од пилотите на авиокомпанијата Ryanair се самовработени –  самите си плаќале за униформите и попатните хотели.

„Мораме да го ре-колективизираме трудот и да ја ре-откриеме моќта на работната сила“. Флеминг предложува неколку радикални идеи вредни за размислување, меѓу кои и назионализација на индустриите, де-фетишизирање на работата и работни недели со 3 работни дена. Но, прво, тој сака да разбереме што е погрешно, зошто работиме толку многу и да се здружиме со луѓе што се наоѓаат во иста ситуација.

„Историски гледано, општествата што инсистирале луѓето да работат повеќе од 3 дена неделно, обично биле робовладетелски општества. Не мораме да работиме повеќе од 20 часа неделно“.

- Реклама -