Дежа ву – зошто се случува?

Колку ли е само чудно она чувство дека „веќе сме биле овде“ и дека „ова веќе се случило“. Но, зошто се случува?

Кратката вистина е дека никој не знае со сигурност. Едно истражување направено во 1888-та година, кај пациенти со епилепсија, покажало дека кај нив почесто се случува овој феномен отколку кај луѓето што ја немаат таа болест. Во неколку истражувања се покажало дека настануваат промени во активноста во медијално-темпоралната регија, делот од мозокот одговорен за чулна перцепција, говор и меморија.

За време на нападите, невроните праќаат сигнали до разни делови на телото, со исклучок на оние пациенти кои по операциите на мозокот го губат ова чувство. Некои научници сметаат дека токму такво слично однесување на невроните – „грешка во системот“ – предизвикуваат чувство на блискост со некое место или ситуација кога нема причина за тоа.

beenthere

Друга хипотеза се темели на поинакви грешки во мозокот, барем така смета Ен Клири, професор по когнитивна психологија на државниот универзитет во Колорадо. Овој пат, проблемот лежи во нашето сеќавање. Нешто во новата ситуација активира сеќавање на слично искуство од минатото, но нашиот мозок не успева да се сети.

– „Замислете дека сте го посетиле Париз по прв пат и сте пошле до Лувр. Погледот ви застанал на огромните стаклени пирамиди и тоа ви буди чудно чувство. Во тој момент, вашиот мозок не успева да ја покрене меморијата која би можела тоа да го објасни. А всушност, во филмот „Кодот на Да Винчи“ има поглед токму на истите пирамиди. Во недостаток на објаснување за чувството дека веќе сте биле таму, вам ви останува само чувството дека ја познавате ситуацијата“ – објаснува Клири.

Оттаму, не се неочекувани сомневањата дека ова чувство доаѓа од нашата способност за спознавање на просторната конфигурација на опкружувањето. За да ја тестира оваа теза, Клири решила да иницира дежа ву во лабораториски услови.

Со помош на познатата видео игра The Sims (симулација на животот), Клири и нејзиниот тим создале две различни сцени, со различни карактеристики, но идентични во распоредот. Првата е двор со карактеристично дрво во средината, опкружено со разни цвеќиња и корпи со висечки растенија по ѕидовите. Другата е музејска поставка во која дрвото е заменето со голема статуа, а наместо висечките билки, има висечки ќилими.

Кога учесниците во експериментот се нашле во другата соба, тие пријавиле чувство на веќе видено, но не можеле да се сетат каде тоа навистина се случило.

080130092102-large[1]

Уште едно можно објаснување за „дежа ву“, датира од 1928-та година, кога психологот Едвард Тиченер опишал пример на поминување на улица. Во моментот додека ја преминуваме улицата, ние инстинктивно погледнуваме лево, ама ако нешто ни го привлече вниманието на нашата десна страна, ние ќе се свртиме натаму. До моментот кога повторно ќе погледнеме лево, ние веќе сме заборавиле на она првото погледнување. Вториот поглед буди чувство на блискост, бидејќи, во овој случај, ние навистина сме виделе нешто претходно.

Во многу случаи, луѓето кои имаат дежа ву, не можат точно да одредат зошто тоа се случува. Како на пример кога ни е „на врв на јазикот“ името на некој актер на кој не можеме да се сетиме. Како нашиот мозок да ни говори дека тоа не е се, и дека тука има уште нешто  да се истражи.

- Реклама -