Девојката што јавно проговори за „Јавна соба“ задоволна од новото кривично дело „Демнење“

28-годишната Ана од Кавадарци, девојката која прва јавно го крена гласот против скандалозната група „Јавна соба“ на платформата Телеграм, е задоволна од воведувањето на новото кривично дело „Демнење“, иако смета дека тоа е само почеток на борбата за поголема заштита на жените од насилство и вознемирување.

Во ново видео објавено на социјалните мрежи таа изрази поддршка за измените на Кривичниот законик, но истовремено и им се заблагодари на сите кои гласно реагираа (нејзиното сведоштво беше иницијална каписла за протести на неколку граѓански здруженија) и помогнаа да се изврши притисок долгогодишниот проблем да биде решен.

„Сакам да ви кажам едно големо браво на сите оние кои пред половина година го кренавте својот глас, коментиравте, протестиравте и го споделувавте видеото и на тој начин успеавме да извршиме притисок да проблемот кој постоел со години се реши. Еве дојде и тој ден. Навистина се чувствувам убаво дека тие измени во законот се направени и нѐ опфаќаат сите нас“, вели Ана во новото видео.

Подготвени од Министерството за правда, измените на Кривичниот законик Владата ги усвои во вторникот. Во нив се имплементирани и делови од Истанбулската конвенција, со која заштитата на жените од насилство и вознемирување се подига на високо ниво.

Министерот за правда – Бојан Маричиќ, на прес-конференција објави и дека се воведува ново кривично дело – „Демнење“, со кое се предвидуваат затворски казни за вознемирување и закани преку интернет.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Anna (@troublemaker_ak)

- Реклама -