Деспотовски најави приговори: Како ни се случи на наши членови да не им биде овозможено правото на глас

„Денеска дел од членовите на СДСМ гласаа. СДСМ е единствената партија и во земјава и во регионот, која има широк модел за избор на претседател. Со тоа треба да ја покаже својата големина и демократски капацитет. Но, тој демократски капацитет денес, но и во деновите што следуваат треба да биде докажан и потврден“, рече тој

Како ни се случи над 10 000 наши члена кои се регистрирале за гласање, односно изразиле иницијатива да учествуваат во изборниот процес, да не можат да го остварат своето право на глас? Како ни се случи на голем број наши членови кои беа уредно регистрирани и дојдоа на избирачките места да не им е овозможено правото на глас?

Овие прашања вечерва на својот фејсбук-профил ги постави кандидатот за претседател на СДСМ, Јован Деспотовски, по затворањето на избирачките места на вонредните внатрепартиски избори, воедно упатувајќи благодарност до партиските членови кои гласаа на изборите.

Пред воопшто, како што рече, да даде конечна оценка за изборниот процес, ги повика Централната изборна комисија (ЦИК) и партиските органи да обезбедат одговор на неговите прашања.

„Денеска дел од членовите на СДСМ гласаа. СДСМ е единствената партија и во земјава и во регионот, која има широк модел за избор на претседател. Со тоа треба да ја покаже својата големина и демократски капацитет. Но, тој демократски капацитет денес, но и во деновите што следуваат треба да биде докажан и потврден“,

вели Деспотовски.

Деспотовски воедно најави дека неговиот тим утре ќе поднесе приговори за констатираните забелешки.

Откако го оствари своето право на глас, тој рече дека има информации за голем број членови на партијата на кои им било оневозможено да гласаат. СДСМ, како што рече, е политичка партија која во ниту еден момент не смее да си дозволи своите членови да ги враќа од избирачките места.

„Со мојот тим изминатите неколку дена зборувавме на оваа тема, поднесовме и официјално барање да им се овозможи на сите оние членови на партијата кои ќе се појават на избирачките места да можат да си го реализираат своето уставно загарантирано право. Сите овие случаи се евидентираат секаде, имаме контрола на секое избирачко место низ државата во сите општински организации. Без разлика на исходот од гласањето, ќе мора во наредните неколку дена да се посветиме како политичка партија сите овие случаи да ги расчистиме,“

посочи Деспотовски.

Во трката за нов лидер на СДСМ се тројца кандидати – поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски, како и заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски.

Актуелната пратеничка и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска вчера соопшти дека ја повлекла кандидатурата. Ваквата одлука рече дека ја донела сакајќи да го заштити СДСМ од нелегитимен избор на претседател и да избегне да биде соучесник во погазување на Статутот.

- Реклама -