Министерката за правда Рената Дескоска не сака да прејудицира каква одлука ќе донесе Уставниот суд за членот 11-а од Законот за помилувања (за неупатените, прочитајте ТУКА), но дефинитивно сака да се спречи oживyвањето на, според неа, незаконските амнестии дадени од страна на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Затоа Дескоска ги повика пратениците што поскоро да донесат автентично толкување со кое ќе го потврдат „тоа што го тврдеше и го тврди стручната јавност, а тоа е дека членот 11 на кој Иванов ги засновуваше своите масовни помилувања кои добија карактер на амнестија не постоеше, односно дека одлуката на Уставниот суд од март 2016 за укинување на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување не го оживеа стариот член 11. Во рацете на Собранието е еднаш засекогаш да го затвори ова прашање и да оневозможи оживување на амнестијата од Иванов“, рече Дескоска, пренесува „Плусинфо“.
Членот 11 постоеше во Законот за помилување од 1993 година, но беше избришан со законските измени во 2009 година. Во 2016-та Уставниот суд ги поништи овие законски измени, со што ја стави стручната јавност во дилема. Дел од експертите тврдеа дека со тоа автоматски се враќа во сила претходната состојба, односно повторно постои и важи членот 11. Другиот дел од стручната јавност, во чии редови е и Дескоска, тврдеа дека укинувањето на измените не значи враќање на членот 11, бидејќи тоа може да го направи само Собранието.
Ако пратениците планираат да ја послушаат министерката, за тоа ќе имаат рок од нешто повеќе од еден месец, кога уставните судии треба да ја донесат својата одлука за членот 11-а. Со тоа, ќе се види и кој од пратениците е за правда и кaзни за оние кои згpeшиле пред законот, а кој за амнecтија и помилување, истакна Дескоска.