Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во состав: Влада Урошевиќ (минатогодишен лауреат и претседател на Комисијата), Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата), селектираше десет романи што останале во трката за наградата „Роман на годината“.
Како што соопштија од жири-комисијата, на годинашниот конкурс пристигнале 36 романи, во првата селекција одбрани биле 19 наслови, а сега списокот останале десет романи.
Обично во првиот круг отпаѓаат оние кои ја немаат вредноста да продолжат понатаму, а тоа е обично половина од пристигнатите романи а потоа се продолжува во втор круг со оние наслови кои жирито ќе процени дека заслужуваат. Во третиот круг трката веќе е многу тесна а четвртото жирирање е прогласување на победникот. Гласањето е секогаш анонимно, тајно.
Наградата „Роман на годината“ е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а нејзин генерален покровител е Комерцијална банка АД, Скопје. Наградата се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 15 март.
Втора селекција на жирито за „Роман на годината“ за 2023 година: „Бела Сама“, Виолета Танчева – Златева, „Три“„Не кажувам“, Петар Андоновски, „Полица“, „Мина“, Игор Анѓелков, „Или Или“, „Единствен матичен број“, Лидија Димковска, „Три“, „Среќните луѓе не слават родендени“, Сашо Кокаланов, „Или Или“, „Гени, мени, сени: (потеклото на бабите)“, Владимир Лукаш, „Супрема издателство“, „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“, Блаже Миневски, „Матица македонска“, „Заборав“, Томислав Османли, „ВиГ Зеница“, „Сѐ уште можам нешто да сторам“, Фросина Пармаковска, „Или Или“ и „Зелениот дворец“, Сибо.