Скопје, 17 октомври 2021 (МИА) – Во извештаите на набљудувачите на ЦИВИЛ од терен, од 9 до 11 часот, доминираат проблемите со т.н „фингерпринт“ апарати или уредите за биометриска идентификација, соопшти Џабир Дерала од невладината организација ЦИВИЛ на втората прес-конференција за текот на изборниот процес.
Тој, меѓу другото, посочи дека дел од избирачките одбори не се доволно запознаени со Кодексот за набљудување и неговите измени и бараат од набљудувачите на „Цивил“ дополнителни документи, кои тие не се обврзани да ги носат или пак ги одбиваат затоа што нема имиња на беџовите од ДИК.
– Во избирачкото место 2626, претседателката на Избирачкиот одбор, остро реагирала на влегување на двајца набљудувачи на Цивил, веројатно влегле еден по друг оти не можат двајцата да влезат во исто време, се разбира. Но, таа сепак, му дозволила на набљудувачот да продолжи со својата работа. Инаку, истиот набљудувач претходно не успеа да влезе на избирачкото место 2627 во Месната заедница, Карпош 2. Се надеваме дека ваквите помали проблеми ќе изостанат во вториот дел од изборниот ден, изјави Дерала.
Тој се осврна на проблемите со уредите за биометриска идентификација, кои, како што рече, ќе го одбележат денот.
– Сепак, граѓаните главно мирно и достоинствено го користат своето право на глас иако еден дел од гласачите сепак се откажуваат од гласањето и заминуваат дома поради проблемите со уредите за читање на нивните лични податоци на избирачките места. Најголем дел од избирачките одбори, според извештаите на набљудувачите на ЦИВИЛ, им излегуваат во пресрет на гласачите и им дозволуваат да гласаат со оставање отпечаток на прст или на други начини, рече Дерала.
Тој посочи дека проблеми со т.н „фингерпринт“ апарати се бележат во повеќе места во државата.
– Во Виница на избирачките места 0312, 0311, 0311-1. Прилеп во избирачките места 1501, 1358, 1359 и 1361. Во Аеродром на избирачко место 2733-1. Во Центар избирачко место 2867. Во Куманово – 1053, 0154. Делчево, Битола Кавадарци, Карпош, Кисела Вода, Штип, Тетово, и во Кичево – 0723. На листата на избирачки места со проблеми со „фингерпринт“ апаратите овде им нема крај, наведе Дерала.
Во Радовиш, дополни, во избирачкото место 1581 избирачкиот одбор дошол до сознание дека гласачите, кои се дезинфицирале пред гласањето, апаратот не им ги чита податоците. Додека оние кои не се дезинфицирале, апаратот ги читал.
– Избирачкиот одбор, според извештајот, размислува да им се даде насока на гласачите да се дезинфицираат само на излегување од избирачкото место, соопшти Дерала.
Извештаите од терен на набљудувачите на ЦИВИЛ говорат дека избирачкото место 2692 доцнело со отворањето 43 минути.
– Во Кисела Вода, на избирачко местово 2774, не работи „фингер“ апаратот. Некои ливчиња во тоа избирачко место биле уфрлувани отворени. Нашите набљудувачи бележат семејно гласање односно гласање за друг во Чашка во ИМ 2234, во Битола ИМ 93/1 гласач гласал наместо својата сопруга. Имаме повреда на глас во Карбинци во ИМ 2317 и токму набљудувачот го нема на Избирачкиот список и не му било дозволено гласањето. Повреда на гласачкото право во Кичево 0728 ИМ, и во Струга 1859 каде што на гласачите и не им било дозволено да гласаат, вели Дерала.
Тој информира дека нарушување на тајност на гласањето имало во Аеродром ИМ 2692.
– Гласачот зад параванот извикал на глас дека не можел да го најде кандидатот на партијата за која имал намера да гласа, а потоа барал од претседателот на ИО да му го покаже на гласачкото ливче. Потоа на крајот и дозволиле на неговата сопруга да влезе зад параванот и за да гласа наместо него за да му помогне, соопшти Дерала.
Во Кисела Вода на ИМ 2743 имало јавно гласање со отворени листови пред да се стават во кутијата.
-Никој од ИО не го опоменал гласачот, само нагласиле дека таа била советничка, вели Дерала.
Тој, повикувајќи се на извештаите на набљудувачите на ЦИВИЛ од терен истакна дека во Лозово во ИМ 1711 набљудувач на политичка партија во ИМ ги запишува сите со име и презиме што доаѓаат да гласаат.
– ИО реагира на тоа, но и покрај предупредувањето сепак овој набљудувач од политичката партија продолжува со својата практика, рече Дерала.
Тој нагласи дека имиња на партии не спомнуваат поради изборниот молк, а сето што го говорат е поткрепено со точни податоци.