Денеска се очекува да биде избран наследникот на Кацарска на претседателското место во Уставен

За избор на прв човек на Уставниот суд е потребно двотретинско мнозинство од вкупниот број судии, односно за да биде избран наследникот на Кацарска, за него треба да гласаат најмалку шест судии

Денеска претпладне треба да се знае кој ќе ја наследи Добрила Кацарска на функцијата претседател на Уставниот суд, чиј тригодишен мандат на чело на Судот истекува на 2 јуни.

Салата за седници на Уставниот суд / Фото: Архива

Уставниот суд го сочинуваат девет судии од кои еден се избира за претседател со тригодишен мандат без право на повторен избор.

Имајќи го ова предвид, за челното место на овалната маса можни кандидати се сите останати осум уставни судии кои ги исполнуваат условите да застанат на оваа функција во наредните три години.

Седницата за избор е закажана за во 10 часот, а новиот претседател на Уставен ќе се избира со тајно гласање.

За избор на прв човек на Уставниот суд е потребно двотретинско мнозинство од вкупниот број судии, односно за да биде избран наследникот на Кацарска, за него треба да гласаат најмалку шест судии.

Инаку, секој од нив може да предложи кандидат за функцијата.

Доколку ниту еден не го добие потребното мнозинство, тогаш постапката за избор на претседател се повторува.

Актуeлниот состав на Уставниот суд го сочинуваат судиите: Добрила Кацарска, Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Ана Павловска-Данева, Насер Ајдари, Осман Кадриу, Дарко Костадиновски и Фатмир Скендер.

Како што соопштија од Уставниот суд пред почетокот на седницата, изборот се врши согласно член 7 од Деловникот за работа на Судот.

„Уставниот суд на седница избира претседател на Уставниот суд од редот на судиите со двотретинско мнозинство од вкупниот број на судиите, со тајно гласање. Секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд. Предлогот за кандидат за претседател на Уставниот суд го утврдува комисија од тројца судии избрани со мнозинство од вкупниот број на судиите. Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, постапката за избор на претседател се повторува.”

Сè уште актуелната претседателка на Уставниот суд во заминување, Добрила Кацарска, синоќа во интервју за телевизијата Телма рече дека нема да предложи ниту еден кандидат за претседател на Уставниот суд, за тоа да не биде сфатено дека пренесува нечија порака.

„Токму затоа им објаснив дека нема да предлагам и нема да фаворизирам ниту еден од моите колеги. Инаку, сите осум судии ги исполнуваат условите и секој од нив може да биде избран за претседател“,

рече Кацарска во синоќешното гостување во „Топ тема“ на телевизија Телма.

На прашањето дали веќе има лобирање кај неа, таа појасни дека гласањето е тајно, а за кого таа ќе гласа не може да каже. Но, секако дека, рече таа, ќе гласа за колега за кој смета дека ќе продолжи да го раководи судот на чесен, професионален, домаќински начин.

„Се надевам дека ќе го задржи угледот на судот за кој се изборивме минатите години“,  

рече таа.

Aктуелната претседателка на Уставниот суд во заминување, Добрила Кацарска / Фото: Архива

За тоа дали ќе има нејзина наследничка или наследник, Кацарска рече дека не може да каже затоа што не знаела кој ќе биде предложен и кој ќе биде избран.

 „Можеби нема да ми верувате, но најискрено го кажувам ова, мене никој не ми се јавил да ми каже за кого да гласам. Доволно ме познаваат сите и знаат дека влијание кај мене не поминува, дали ќе се јави еден или 100 луѓе, без оглед дали ќе се тоа политичари, бизнисмени, обични граѓани, знаат дека јас ќе гласам онака како што јас мислам. И токму затоа мене никој не ми се јавува. Дали кај другите колеги има лобирања или не, не знам“,

рече Кацарска.

Претходно вчера на прес-конференција таа даде своевиден отчет и осврт за резултатите постигнати за време на нејзиниот тригодишен мандат, за кој рече дека го завршува со чувство на исполнетост водејќи се од идејата дека правдата секогаш ќе биде императив.

- Реклама -