Денешните гангстери за кои Скарфејс и компанија се „мали деца“

gang1

Ехх, кога ќе се сетам пред едно 15 години. Маалскиве само што го гледале „Ране“  излагаат со тренерка у тренерка, лупаат заушки на кој стигнат, па и јадат по некој шамар од оние што воопшто не го ни гледале. Како понекогаш лошо сфатен филм може лошо да му влијае на попален малолетник што до вчера не знаел ни улица да помине. Сево ова звучи наивно и слатко за она што се случува по светов, посебно во Латинска Америка…

Дваесет и тригодишно момче со прекарот Монтана се наоѓа на издржување на казна во затворот во Нуево Ларедо, Мексико. Тој во својата ќелија го има закачено постерот на филмскиот гангстер, по кого го добил и името. Но, Монтана не е просечно гомнарче што се пали на СкарФејс. Според новинарот Јоан Грило, тој го извршил своето прво убиство на 13 годишна возраст. Наводно, во наредната деценија убил повеќе од 30 луѓе додека работел за бандата “Mara Salvatrucha” пред да заврши зад решетки. Монтана не е изолиран пример меѓу денешните криминалци кои ги имитираат или дури ги надминуваат животите на озлогласените вистински или измислени гангстери.

Во својата нова книга Gangster Warlords: Drug Dollars, Killing Fields, and The New Politics of Latin America,Грило јасно стави до знаење дека бандитите како што е Монтана, лидерите на картелите, платените убијци и моќни членови на криминални организации може да се најдат ширум Латинска Америка и Карибите, а не само во Мексико. Од бандата “Shower Posse” од Јамајка и синдикатот “Comando Vermelho” во Бразил, па сé до бандите кои беснеат низ Централна Америка – се укажува на фактот дека големите криминални мрежи денес царуваат ширум светот. Со овие картели и банди управуваат модерни криминалци кои Грило ги опишува како мешавина на „директори, терористи и рок ѕвезди“, насилни типови како што беше Пабло Ескобар, покрај кои негативците од популарната култура делуваат неубедливо.

За да ја напише книгата, Грило мораше да оди во првите борбени редови во градовите во кои се соочуваат бандите, картелите и полицијата, и каде се убиваат едни со други (исто како и цивилите) во илјадници. Овој, по потекло британски новинар ги интервјуирал поранешните платени убијци во мексиканските затвори, се возел со полицајци по сиромашните квартови на Венецуела и ги проучувал бандитските босови во фавелите на Рио де Жанеиро и дивите населби на Кингстон. При неговото истражување, Грило сфаќа дека пред негови очи почнува да се формира нов вид на гангстерски бос. Човек со длабоки џебови и со добро вооружена паравоена единица која ќе му го чува грбот, тип кој толку се чалами што често пати завршува со импулсивна демонстрација на сила кога ќе ги загуби нервите. За овие врховни водачи на криминалните банди, животот стана видео игра или гангстерски филм во кој се постигнува секое клише на популарната култура.

gang4

Грило претходно напишал книга „El Narco“, во која тој детално го опишува прогресот на мексиканските картели во средината на двеилјадитите. Gungster Warlords за овој автор е уште еден чекор понапред, затоа што ја отсликува мрачната реалност која се одвива во реалното време. ВајсЊуз преку кајп разговарале со Грило во неговото седиште во Мексико Сити за да разберат нешто повеќе за неговата книга и да добијат во увид она што се случува во нарко светот долу на југот.

Порано опширно известувавте од Мексико за нарко картелите и насилството во таа земја, но, кога почнавте да истражувате што се случува во другите соседни држави?

Грило: Во текот на 15-те години што ги поминав во Мексико известувајќи за насилството на картелите секогаш ја наоѓав врската со овие други места. Кога ќе сфатите дека постојат слични па дури и полоши ситуации во многу места низ Латинска Америка и Карибите, почнувате да ја следите трагата на доминото од мексиканските картели преку гангстерите во Хондурас до колумбиските криминалци. Тоа ви овозможува да го следите оружјето кое патува од САД и Мексико сé до Карибите. Ситуациите се многу слични. Не е случајност наеднаш да имате 17.000 мртви годишно како жртви на насилство на картелите во Мексико, додека десетици илјади луѓе се убиени во насилството на организираниот криминал во Бразил и Хондурас.

Ова ме натера да погледнам во големата слика. Веќе бев во сламовите на Колумбија и брзо сфатив дека таму на владее картел, влада во сенка во гетото. Истото се случува и во Мексико. А потоа ќе почнете да пронаоѓете и други паралели, како во Јамајка, каде областите помеѓу различните гета се раселени. Ако отидете во Хондурас, ќе видите дека таму се случило истото, бандите ги протерале луѓето од различни делови на градот за да направат тампон зони помеѓу своите територии. Кога ќе ги забележите овие сличности, почнува да ви се разјаснува сликата за тоа какви се овие врховни команданти и во што тие се претвориле (низ цела Латинска Америка).

gang5

Дали врз овие криминални групи и нивните водачи имал влијание Пабло Ескобар, неговото наследство и она што тој го направи во Колумбија во осумдесеттите години?

Пабло Ескобар и “Меделинскиот Картел” изградиле модел. Тој беше човек пред своето време. Тој најде начин да дојде до огромна сума долари од кокаинот и заработи повеќе пари отколку што вие и јас можеме да замислиме. Пабло доминираше на пазарот за кокаин, но тој сега е проширен низ целиот континент и постојано се шири. Бразил, веднаш по САД е пазар број два за кокаин. Во моментов се на прво место по употреба на крек. Во Бразил можете да прошетате по фавелите и да најдете луѓе кои си седат на маса и лефтерно си продаваат дрога. Кога имате такви сиромашни земји со млади луѓе во сламовите кои немаат прилика за работа, а картелите им нудат дрога, пари, жени, сето тоа на купче, тие водачи на картелите многу брзо успеваат да регрутираат своја приватна војска.

Кои се најозлогласените гангстерски лидери кои ги третирате во книгата?

Еден од нив е Кристофер Дудус Коук, подобро познат како Претседател, трговец со дрога од Јамајка кој во моментов е во затвор. Бени Вејлер, големиот реге музичар, има песна со назив “Don’t Touch the President” која зборува токму за него. Коук е рок ѕвезда, директорско типче кој многу се занимавал со добротворна работа издигната на неверојатно ниво. Во својата песна Вејлер пее: “Sometimes out of evil, come the poor good/Can’t you see the progress in the neighborhood.” Тој како да сака да каже дека од крвавите пари од дрога може да произлезе и нешто добро. Во исто време, тој испраќаше големо количество кокаин во Велика Британија и САД. Жените за него пренесувале кокаин во кондоми во своите вагини. Ги праќаше по 30-тина во една серија. Полицијата ќе фатеше една или две, но ќе останеа 28 или 29 од нив кои ја поминуваа контролата.

gang6

Друга личност со која се занимавам е Назарио “El Mas Loco” Морено, кој ја предводеше “La Famillia Michoacan” и картелот “Витеска темплара” во Мексико. Тој напишал сопствен верски текст наречен Pensamientos, што значи „Мои размислувања“ и станал почитуван до ниво на светец, што е повеќе од статусот – рок ѕвезда. Кога лугето мислеле дека тој е убиен, почнале да му се молат. Како тоа луѓето се молат на човек кој тргува со кристал мет? Отпатував во областа од која потекнува човеков. Како дете, тој верува дека луѓето што пијат кока-кола се богати, затоа што тој израснал во сиромаштија и пиел вода од реката, но човекот на крајот ја презема контролата врз целата област.

Дали забележавте влијание на поп културата врз некој од овие криминалци или криминалните лидери?

Бев во затворот во Нуево Ларедо, во Мексико каде што еден водач на банда имаше маса за билијард во својата ќелија со диско озвучување. На ѕидот имаше постер од Ал Пачино како Скарфејс во природна големина. Го интервјуирав овој млад член на бандата “Mara Salvatrucha”, прекарот му беше Монтана. Типот има 23 години и убил 30-тина луѓе, а почнал да убива од својата 13-та година. Ми ги опиша сите свои убиства, и сите лудила од неговиот неверојатно насилен живот.

Во Јамајка, криминалците и босовите меѓу себе си се нарекуваат донови. Интервјуирав постар тип од бандата “Shower Possi” надевајќи се дека ќе разберам зошто. Тој откри дека тие почнаа да се нарекуваат меѓу себе донови, според Дон Корлеоне во Кум.

Во Хондурас пак, проверив кога овие момчиња станале толку насилни. Ми кажа дека тоа се случило по прикажувањето на филмот „Blood In, Blood Out“ синхронизиран на шпански јазик. Сите млади гангстери овој филм го знаат на памет.

Како да се запре сето ова насилство на овие банди и картели? Дали, во вашето истражување дојдовте до некакви решенија?

Не може да им се забрани на пејачите да пеат за дилерите на дрога или на Холивуд да снима филмови. Проблемот не е гледањето филмови или слушањето плочи. Дел од проблемот лежи во силите на редот и мирот. Полицијата и армијата се составен дел на ова насилство. Не сакам сета вина да ја префрлам врз нив, но тие се очигледно повеќе дел од проблемот , отколку што се дел од решението.

Штотуку се вратив од Венецуела, треба да ја видите нивната полиција. Според некои проценки, нивната полиција во 2014 година убила повеќе од 1.000 луѓе. Тоа е држава со 30 милиони жители. Во САД тоа би било како да убиете 10.000 луѓе. На Јамајка, полицијата е многу агресивна и добро вооружена, таа упаѓа во гетата без многу размислување. Секое четврто убиство е извршено од страна на полицијата. Во Мексико сретнавме неверојатни работи, полицијата соработува со картелите, врши киднапирања, ликвидираат студенти, убиваат невини. Полицијата е огромен дел од проблемот. Таа често пати е корумпирана, заработува од криминалците и се извлекува неказнето. Но, од друга страна, полицијата се соочува со екстремно насилни и добро вооружени криминалци и банди.

Значи, борбата меѓу нив е многу сложена.

Хаос е на двета страни. Овие криминални шефови имаат луда улога во општеството во кое управуваат со големи бизнис империи и организации. Напаѓаат полицајци, фрлаат бомби врз луѓе на плоштадите, прават разни луди насилства. Но тие се и дел на популарната култура. За нив се снимаат сапунски опери и песни. Се обидуваме да разбереме кои се тие личности, што значат во општеството, на кој начин и` го комплицираат животот на владата. Чудно е колку сето ова има врска со популарната култура, особено денес, кога се појаваат сериите како што е „Наркос“. На телевизија ние се потсетуваме на Пабло Ескобар, а во светот сето ова и понатаму се случува.

- Реклама -