Денес е 8-ми март, ама жена бев и вчера

Денес ми е празник. По тоа како изгледам, како и по физичките функции на телото, жена сум. Носам женско име, луѓето ми се обраќаат со „госпоѓо“, а кога во продавница зборуваат за мене во мое присуство и во трето лице, ме нарекуваат „жената“.

По сé изгледа, жена сум и зашто сум колеШКА.

Во едно елитно женско списание, каде пред неколку години работев како уредниЧКА, за 8-ми март ни организираа базар на бугарски модни брендови, по пониски цени.

Освен тоа, за Денот на колешката нé пуштија два часа порано од работа, а на излезот од зградата, портирот беше натоварен со специјалната мисија на секоја од вработените да им дарува зумбул во саксија. Кичма го фати од разнесување на саксии, но заводливите мустаци му беа воодушевени од можноста да „бакнат“ околу 80 „женски“ за еден работен ден.

За прв пат дознав дека има ден во кој се празнува тоа што сум жена, кога одев во градинка. Една недела пред празникот нé фотографираа еден по еден, а на 8-ми март добивме картички со сопствените ликови, стокмени до нацртано букетче со кокичиња и натпис: „Мила мамо, среќен 8-ми март!“.

Фотографката што дојде да ја направи фотосесијата во нашата детска градинка, имаше мустаќи и дебела тртка на носот, а зборуваше со гласот на чичко Пепи – нашиот најблизок комшија.

Штом ме погледна, веднаш писнав да плачам, и не сопрев до крајот на денот, така што на фотографијата сум со расплакани очи, искривена уста, и раменици дигнати до ушите – од страв.

„На мајка ти ѝ е празник, а ти рикаш!“, луто мрмореше бркатата фотографка, а јас уште повеќе почнував да плачам. „Убаво ли ќе ти биде кога еден ден и ти ќе станеш голема жена и ќе ти празник, твоето дете така расплакано да ти е на сликата?!“, истовремено ме ставаше во дилема мојата учителка.

Мислата по тоа прашање ме стегаше на неколку секунди, во кои страшната фотографка се обидуваше да ме штракне, но јас брзо се опоравував од звукот на премотувањето на филмот во апаратот, и одново почнував горко да плачам.

Згора на сé, мајка ми ич не беше трогната од глупата картичка.

„Да бе, само на тој ден сум жена, другите денови сум нешто налик!“, зас’ска таа кога ѝ ја подарив картичката, ме крена во раце, ме бакна и ми кажа „Тоа се глупости, маме!“…

Сакала или не, тие глупости продолжија и во училиште, кога во петто одделение ние женските бевме скубени и шутирани од соученикот Калин, зошто не сме разбрале дека цветовите што ни ги подари се од неговата градина, а не од продавница.

Малку подоцна стана јасно дека татко му редовно ја уважувал женската природа на мајка му на соодветно насилен начин, така што наставничките со жал ни објаснија дека не треба многу да се задлабочуваме во агресивноста на нашето другарче. И да се радуваме, што ете, сепак ни честитале 8-ми март, вака или онака.

Низ годините и јас, како и многу жени, стигнав до заклучокот дека нема толку што да се опирам на осмиот март. Кога решиле да имаме празник, нека имаме, што има толку лошо?! Истовремено, секогаш околу тој датум, без да сакам, почнувам да размислувам околу позицијата на жената и сите заблуди околу нејзината суштина.

Не, не станува збор за тоа дали сум уважувана од мажите, дали прават да се чувствувам женствена, и дали сум среќна и горда на својата женска природа.

Мажите до кои се држам ме уважуваат и немам на што да се поплакувам. Се чувствувам женствена и без нужно околу мене да има мажи. А сум среќна што сум жена заради многу причини, но најмногу, зашто и да сум среќна, и да не сум – сеедно е – и вака и така ќе си останам жена. Па, подобро е да сум среќна.

Прашањето околу женственоста многу често се сведува на тоа што можат жените, а што мажите. Разликата меѓу двете „можења“ се натрапува како раздвојувач на половите. Е со тоа не сум согласна!

Зашто нештата кои ги правам во секојдневниот живот, одамна не се само машки, ниту само женски. Дури и да се, така неодложно ми се наложува да ги правам, што немам избор, а камо ли повод да се замислам околу тоа дали тоа е машко или женско, и дали ми прилега да го правам.

Во поткрепа на тезата дека женственоста одамна не ни е определена од некакви занимања кои од општеството се сметнаи за женски, приложувам краток список на секојдневните „неопходности“ и „вештини“ на оној дел од човештвото кој има месечен циклус, главно носи градници, и нема брада и мустаќи (со исклучок на фотографката од градинка).

Жените не се плашат од крв 

Сум видела десетици мажи на кои им се превртеле очите при глетката на благо исечен и раскрварен прст. Не само што ние жените ги прифаќаме таквите глетки ладнокрвно, туку и рационално наоѓаме решение за решавање на проблемот и пристигнување до најблиската поликлиника за најкратко време.

Ние жените не се грозиме туку така 

Сопругот на една познаничка не можеше да мие чинии, зашто му се повраќаше од глетката на остатоците од храна во нив и околу решетката на мијалникот. Добар изговор, велам.

Еден друг, пак, не ги менуваше полните памперси на нивното бебе, зашто не ја поднесуваше миризбата. Еден ден, кога требаше да го чува тримесечното синче на два часа, ѝ го пукна телефонот од ѕвонење за да ја натера да се врати дома и да ја смени спорната пелена, со изговор дека „не се издржува таа смрдеа“.

Жените можат да чистат и повраќаници, влакна во мијалникот, смачкани лебарки, дамки од масло, валкани гаќи на цела фамилија, остатоци од мртви муви на прозорците, мувлостана храна во фрижидерите. Го правиме тоа не зашто не ни е гадно, туку едноставно зашто ако не го правиме, нема кој друг.

Жените носат тешко

Знам дека не треба, ама носиме. Не торби од пазар, не детски колички сосе бебиња, не шестгодишни џинови кои ќенкаат зашто си го удриле коленото или ги мрзи да одат, не мебел, не купени продукти, не наследство или семејни бремиња. Сé носиме.

И за разлика од амалите, кои „можат да не носат“, ние не можеме – сé си носиме, зашто, повторно, нема кој да носи место нас. Така е по цел свет. Се убедив во тоа пред некој месец, кога носев огромна дрвена скала низ еден европски град, и ниту еден маж не се понуди да го потфати другиот крај, а наместо тоа беа зафатени со тоа да ми покажат од каде точно да одам и како да маневрирам меѓу пешаците. Сето тоа со мисла дека неизмерно многу ми помагаат.

Жените печалат леб

Тоа си е сосема природно. Познавам десетици жени кои работат како луди, за да можат нивните сопрузи да се бават со мрза, хобија или тотално непрофитабилни бизниси. Работат по две-три работи, одат во униформи, носат смели решенија и создаваат работни стратегии.

Некои од нив имаат среа да живеат со вистински партнери, кои ги поддржуваат во подемот и сами ги развиваат своите кариери. За поголемиот дел, сепак, сопствената независност им се претвора во повод за семејни кавги, во кои рефренот гласи „што се мислиш ти, што ако заработуваш пари?“.

За каква се мислам?! За жена што нема апсолутно никаква потреба од тебе бе, човече!

Жените прават ремонти

Тоа шегите дека винтовите, шајките, завртките и навртките жените едноставно ги викаат штрафови, се смешни, ама не се на место. Бидејќи неважно е како ги викаме овие железа – најважно е дека ја наоѓаме точната графичка кога ни се расипува компјутерот, или вистинскиот човек кој ќе ја заврши конкретната работа место нас.

Затоа и немаме потреба да знаеме, на пример, што е карбуратор, кога знаеме каде стојат оние момците со темкносини комбинизони, кои не само што знаат каде се наоѓа карбураторот, туку знаат и да го поправат, кога ќе дојде до тоа. Истото важи и за секаква друга мајсторска дејност.

Жените можат уште многу машки работи

Играме фудбал, креваме тегови, возиме коли, возови, авиони и ракети, раководиме со држави и судови, војуваме, ја штитиме природата, слободата на говорот, правото на глас, вдахнуваме и сме вдахновени, и сами да сме – си ги чуваме децата, се бориме, создаваме уметност, лекуваме, се тепаме, се тетовираме…

Големи девојки сме и реагираме како такви, и ништо од наведеното во овие случаи не е „женски каприци“.

Понекогаш сме посуетни од очекуваното и се фалиме со постигнатото. Понекогаш сме чувствителни и насолзени, понекогаш сме гневни и проклети. Понекогаш не знаеме што точно сакаме. По последните неколку карактеристики, всушност, ни малку не се разликуваме од мажите. Зашто и тие, и ние, сме едноставно луѓе.

Денес е 8-ми март – официјалниот ден на жената. Јас и вчера бев тоа, и тоа ќе сум и утре. Со сé што можам, знам и осознавам.

Добро би било во светот, во кој човечкото го има толку малку и е така потиснато, овој ден да е само уште еден обичен ден во кој заемно си ги уважуваме разликите и ја празнуваме општата човечност.

Пишува: Марија Касимова

- Реклама -