Поради прераната смрт на охридскиот градоначалник Јован Стојаноски, денешниот ден во Охрид е прогласен за Ден на жалост. Знамињата во градот се симнати на половина копје, а градот се подготвува да го испрати во вечното почивалиште.
Проф. д-р Стојаноски, роден на 7 август 1970 година, почина ненадејно во саботата на 15 декември, на 48-годишна возраст, во возило на итната помош на пат кон Центарот за кадриоваскуларни болести, откако за време на одржувањето на работниот колегиум во својот кабинет доживеал здравствени проблеми.
Стојаноски беше професор на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, а градоначалничката функција ја презема од 20 октомври минатата година, со победа во првиот круг од Локалните избори.
Стојаноски беше оженет и татко на две деца.
Во негова чест денес ќе се одржат комеморативни седници на Факултетот за туризам и угостителство Охрид (во 9 часот), и во Општина Охрид, во Големата општинска сала, со почеток од 10 часот.
Погребот на Стојаноски е закажан за во 14 часот на Градските гробишта во Охрид, а посмртните останки ќе бидат изложени во Градската капела од 12 часот.
На погребот, според најавите, ќе присуствуваат бројни делегации, претставници на државниот врв, политички партии, збратимени градови…