„Многу солзи исплакав“, „Ој Вардаре“, „Подобар живот “и „Колку е добро да те видам повторно “се дел од песните кои синоќа на Златна бубамара на популарноста најмногу ја развеселија и разнежнија публиката во ВИП Арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
Маја Оџаклиевска, Наум Петрески и Виолета Томовска, Дадо Топиќ и Тамара Тодевска и групата „Нови фосили “ ги испеаја песните познати на сите генерации, на моменти предизвикувајќи еуфорија, на моменти носталгија.
Меѓу публиката во спортската сала, каде за прв пат се одржува популарната манифестација, беа премиерот Зоран Заев со сопругата, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, генералниот секретар на Владата Драги Рашковски… Поради политичарите, таксистите мораа да ги оставаат гостите подалеку од салата.
Академијата на Златна бубамара додели награди во 23 категории на познати личности од забавата,спортот, културата во Македонија и на Балканот.
Наградата за трајни музички вредности ја доби легендарната пејачка Маја Оџаклиевска, а „Октет Македонија“ за животно дело.
Водител на ова 21.издание , под мотото „За подобар живот“, како и изминативе години беше актерот Сашко Коцев.