Дејвид Атенбороу има нешто важно да ви порача

Sir-David-with-an-iguana-900x506[1]

Ако не му го знаете името, му го знаете гласот – во 90-те години од неговиот живот, човекот бил наратор во речиси секој попознат документарец посветен на природата, а тој е гласот и во последната документарна серија на BBC – Planet Earth II (да, и во сцената со змиите и игуаната).

Кога не нé води низ некои од најоддалечените места на планетата, Атенбороу се бафта со конзервациони организации и зачувување на планетата во подобна состојба за идните генерации. Една од неговите најизразени (и најконтроверзни) заложби е таа околу пренаселеноста на Земјата и ограничување на растот на човечката популација.

Поентата му е дека ние луѓето треба да го спречиме растот на популацијата, бидејќи стануваме „чума“ на нашата сопствена планета, и заради тоа наскоро ќе бидеме неспособни да се прехраниме или да имаме засолниште.

„Ние сме чума на Земјата. Тоа ќе кулминира во наредните 50-тина години или нешто слично. Не е само климатските промени; се работи за основен простор, место за одгледување на храна за оваа огромна орда“, рече Атенбороу за Radio Times во 2013 година. „Или ќе го ограничиме популациониот раст, или природниот свет ќе го стори тоа за нас; а природниот свет веќе и во моментов го прави тоа за нас“.

Атенбороу исто така е и поддржувач на британската добротворна организација Population Matters, која ги има истите цели – да ги зачува животната средина и луѓето што живеат во неа – здрави за во иднина. Според Атенбороу, најдобрите начини за да се постигне ова е да се зголеми сексуалната едукација ширум светот, и да им се даде на жените повеќе политичка контрола врз нивните тела.

„Единствената сламка надеж и утеха, а и таа е тенка, е дека кога и да им се даде на жените политичка контрола врз нивните тела, кога и да им се даде право на глас, кога и да им се овозможи образование, соодветни медицински установи, и каде и да знаат да читаат, имаат права и слично – стапката на наталитет опаѓа, без исклучоци“, изјави Атенбороу за The Independent. „Има многу делови на светот каде овие нешта не важат, па ние што живееме во деловите каде важат, треба да им помогнеме и на другите да ги имаат истите такви можности“.

Во меѓувреме, Атенбороу не се плаши и да долее малку масло на контроверзноста на ионака сложениот проблем. На пример, тој отворено изјавува дека земјите како Етиопија имаат популационен проблем кој директно придонесува за гладот.

„Постојано имаме програми за гладта во Етиопија; тоа е тоа што се случува. Премногу луѓе таму. Не можат да се издржуваат – и тоа не е нечовечки да се каже. Тоа е случајот. Сé додека човештвото не успее да се среди себеси и да усвои координиран поглед кон планетата, ќе станува сé полошо и полошо“, рече Дејвид за The Telegraph.

„Не можеме да продолжиме да се шириме со темпото со кое се шириме отсекогаш, бидејќи Земјата е конечна и не можеш да ставиш бесконечност на нешто што е конечно“, сумира Атенбороу за The Independent. „Ако ние не направиме нешто околу тоа, тогаш светот ќе направи нешто околу тоа – зборувам за природниот свет – ќе гладуваме“.

* * *

Но дискусијата не смее да заврши вака, па затоа ќе се надоврземе. И порано релативно многу пишувавме на темава (секогаш може повеќе), и порачавме дека не се работи само за бројките, туку многу повеќе – за нашиот лајфстајл. Топло препорачуваме да го изгледате предавањето приложено во Популациониот бум, вистина или мит?, во кое шведскиот доктор и статистичар Ханс Розлинг ги разграничува митовите и заблудите од фактите.

Накратко, популацијата неизбежно ќе достигне 10 милијарди. Но и покрај тоа ќе може да остане во рамките на одржливоста, под услов развиениот свет, пред сé Западот, а и јас и ти, комплетно да го смениме нашиот консумерски лајфстајл и да отстапиме голем дел од ресурсите за земјите со огромна сиромашна популација кои сега доживуваат развој и претендираат кон живот како тој во богатите (и со цело право).

Да бидеме реални, тоа тешко дека ќе се случи. Ни јас ни ти нема да се откажеме од половина (?) од своите удобности, а просечниот Американец (кој има најголем карбон футпринт од сите други на планетава) веројатно уште помалку. Затоа толку инсистирање на бројките и на терминот „пренаселеност“. Лесно е за човек како Атенбороу да критикува дека има премногу луѓе и дека сиромашните се главниот проблем. А колку е етички – тоа е сосема друга тема; особено што реално и кај многу од сиромашните наталитетот е ограничен сосема во рамките на нормалата.

Во меѓувреме, планетава е како лифт – има одредена носивост, а ние сме дебели. И наместо да трчаме во теретана и да симнеме од килажата за да можеме сите да се возиме, ние порадо би исфрлиле половина патници од лифтот и би ги пратиле по скали – скали што во реалноста значат сиромаштија и живот во агонија, со смрт од глад како цреша на шлагот.

- Реклама -