Притисокот кој го направија вработените во Државниот архив, дека без документација нема нација, очигледно вродија со плод бидејќи веќе и официјално е одлучено решение за сите проблеми на оваа институција да биде изградбата на нова зграда каде ќе се сместат како вработените, така и обемната документација која е од исклучително значење за македонската држава.
„Владата на Република Македонија на денешната седница ја разгледа и усвои информацијата за надминување на проблемот со канцелариски простор и депото на Државниот Архив, и по широките консултации и анализи на теренот, донесе предлог – решенија за решавање на овој прашање кои предвидуваат изградба на нов објект за Државниот архив. Владата го задолжи Државниот архив, до конечната реализација на ова решение, да спроведе постапка за санација за спречување на протекување на атмосферска вода во постоечкиот објект на кеј Димитар Влахов“, соопштија од Владата.
Државниот архив претрпе големи штети за време на поплавите и обилните врнежи од дожд во новата зграда на Археолошкиот музеј лоциран на кејот на Вардар и се крена голем аларм дека се уништени многу стари и битни документи. Вработените посочија дека преселувањето на оваа институција од претходната зграда лоцирана во кругот на судот е огромна грешка бидејќи тие простории биле посоодветни со идеално обезбедување и максимални услови за функционирање на еден архив.
Бидејќи старата зграда е пременета за потребите на јавното обвинителство, експертите сметаат дека нема друго решение освен да се изгради нов државен објект наменет за архивот кој според првичните проценки би чинел околу 10 милиони евра.